
Иранската војска минатиот месец натоварила подводни мини на бродови во Персискиот Залив, што дополнително ги зголемило загриженостите во Вашингтон дека Техеран се подготвува да го блокира Ормускиот теснец по израелските напади врз цели низ Иран, изјавија двајца американски претставници, пренесоа британските медиуми.
Подготовките за минирање на важниот воден пат, кои претходно не беа објавени и кои ги откри американската разузнавачка служба, се случија откако мина одредено време од првиот ракетен напад на Израел врз цели во Иран на 13 јуни, изјавија претставниците, кои зборуваа под услов да останат анонимни поради чувствителноста на информациите.
Товарувањето на мини на бродовите, што сè уште не се поставени во теснецот, сугерира дека Техеран можеби сериозно размислувал за затворање на еден од најпрометните водни патишта во светот, што дополнително би го продлабочило конфликтот и сериозно би ја нарушило светската трговија.
Приближно една петтина од светската трговија со нафта и гас поминува низ Ормускиот теснец, а блокадата веројатно би предизвикала нагло зголемување на цените на енергијата. Глобалните цени на нафтата паднаа за повеќе од 10 отсто по нападите на САД врз нуклеарните постројки на Иран, делумно поради олеснувањето што конфликтот не предизвика значителни прекини во трговијата со „црното злато“.
Иранскиот парламент наводно ја поддржа блокадата на теснецот на 22 јуни, кратко откако американската војска бомбардираше три клучни ирански нуклеарни постројки во обид да ја запре нуклеарната програма на Иран.Оваа одлука не беше обврзувачка, а конечната одлука за затворањето мораше да ја донесе Врховниот совет за национална безбедност на Иран, објави тогаш Иран Прес ТВ.
Со текот на годините, Иран постојано се закануваше дека ќе ги затвори теснецот, но никогаш не ја реализира ваквата закана.
Според британските медиуми, не е можно со сигурност да се утврди кога точно, за време на израелско-иранската воздушна војна, Техеран ги натоварил мините или дали тие биле истоварени во меѓувреме.
Двајцата функционери рекоа дека американската влада не ја исклучува можноста товарењето на мините да било измама. Иранците можеби ги подготвиле мините за да го убедат Вашингтон дека сериозно размислуваат за затворање на теснецот, без всушност да имаат намера да го сторат тоа, рекоа функционерите.
Ормутскиот теснец се наоѓа помеѓу Оман и Иран и го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив на југ и Арапското Море на исток. Широк е 34 километри во најтесната точка, а бродската линија е широка само околу три километри во секој правец.
Членовите на ОПЕК, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак, го извезуваат поголемиот дел од својата нафта преку теснецот, главно во Азија. Катар, еден од најголемите извозници на течен природен гас во светот, го испраќа речиси целиот свој течен природен гас преку овој патен правец.
Иран, исто така, поголемиот дел од својата нафта ја извезува преку тесенцот, што теоретски ја ограничува неговата намера да го затвори. Меѓутоа, Техеран посвети значителни ресурси за да се осигури дека може да го стори тоа доколку е потребно.