Skip to main content

Данела го демантира Латас: Никогаш немале директен или индиректен контакт

Градоначалничката на Град скопје, Данела Арсовска демантира дека му нудела пари на познатиот новинар Драган Павловиќ Латас за уривање на актуелниот премиер Христијан Мицкоски. Преку адвокатот Трајче Арсов таа испрати демант до редакцијата на Република, кој го објавуваме во целост:

Во својство на полномошник на Градоначалникот на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, изразуваме најостра реакција и целосно ја демантираме содржината на објавата од 27.06.2025 година на интернет порталот republika.mk, со наслов: „Данела Aрсовска му нудела пари на Латас за уривање на Мицкоски“, во која се пренесуваат сериозни и неосновани тврдења изнесени од страна на г.Драган Павловиќ – Латас.

Во конкретниот текст, без ниту една проверена информација, без побарано мислење од засегнатата страна, се изнесуваат наводи за наводна средба меѓу Градоначалникот Арсовска и г. Павловиќ – Латас, при што ѝ се припишува наводна понуда за политичка активност и финансиски средства – што претставува целосна невистина и конструкција.

Со децидност потенцираме дека г-ѓа Данела Арсовска:

-Никогаш не остварила средба, ниту директен или индиректен контакт со г.Драган Павловиќ – Латас;

-Никогаш не му понудила, ниту имала намера да понуди каква било соработка, особено не за политички цели или активности насочени кон трета страна;

-Секогаш постапувала во рамки на јавниот интерес, транспарентно и одговорно, во согласност со највисоките етички и институционални стандарди.

Очекуваме од ваша страна, како медиум што треба да се раководи според принципите на професионално новинарство и Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, да го објавите овој демант во целост и во рок од 48 часа, согласно член 13 од наведениот Закон. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземеме сите законски чекори за заштита на угледот и честа на Градоначалникот на Град Скопје.

Истовремено, ги повикуваме сите медиуми да се воздржат од пренесување на сензационалистички и непроверени изјави кои претставуваат удар врз интегритетот на јавните функционери и институциите. Градоначалникот Арсовска останува фокусирана на проектите во интерес на граѓаните и на реализација на капитални инвестиции за модерен и функционален Скопје.

Поврзани вести