Skip to main content

Концерт на импровизирана музика со триото „Додовски, Георгиевски и Спировски“

Концерт на импровизирана музика на триото „Додовски, Георгиевски и Спировски“ ќе се одржи вечерва со почеток од 20 часот во социјалниот центар „Дуња“ во Скопје.

Како што информираат организаторите на настанот, станува збор за соработка меѓу тројца музичари со различни искуства и контексти, поврзани преку заедничкиот интерес за звучна авангарда, амбиентални структури и слободна интерпретација.

Настанот претставува отворена звучна сесија што произлегува од моменталната интеракција меѓу учесниците, без однапред зададена форма или композиција, се посочува за концертот.

Димитар Додовски е продуцент и визуелен уметник од Битола. Има издадено повеќе соло албуми и соработувал во проекти како „Post Global Trio“, „Moss Garden“, „Niskogradba“, „Dérive Dub“ и „Private Mountain“. Последниот албум „Mineralmusik“ ја одбележува 20-годишнината од неговото музичко творештво.

Мартин Георгиевски е продуцент од Скопје на амбиентална и импровизирана музика, активен од 2009 година под псевдонимот „Амплидајн Ефект“. Во изминатите години, проектот издаде бројни албуми и настапуваше на реномирани регионални и меѓународни фестивали, меѓу кои „Похода“ – Словачка, „Десонанз“, „Лајв саундтрак“ – Белград, „ToBe continued“ – Италија, „ПНЕМ саунд арт фестивал“ – Холандија, „Скопски џез фестивал“. Имал настапувано со Пост Глобал Трио, Светлост + Одрон Ритуал Оркестра и многу други проекти.

Нинослав Спировски е македонски фри џез кларинетист и саксофонист, дел од генерацијата што го поттикна новиот бран на импровизирана музика во земјава. Како еден од најактивните учесници на сцената, застапува личен израз и оригиналност надвор од традиционалните џез шеми. Најпознат е по работата со Светлост и Светлост + Одрон Ритуал Оркестра, а учествува и во бројни други состави, се додава во соопштението.

Поврзани вести