Skip to main content

Да се применуваат мерките за заштита на работниците од горештините, aпелираат од Министерството за економија и труд

Од Министерството за економија и труд попладнево информираат дека согласно усвоената информација за спроведување мерки од Фаза 3 на Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението (2025 – 2030), тоа активно ги координира и имплементира препораките за заштита на работниците и подобрување на работните услови во летниот период.

Во услови на екстремни топлотни бранови, Министерството ги повикува сите работодавачи во јавниот и приватниот сектор да ги применуваат мерките.

Одложување на работните активности во најтоплите часови од денот – од 11 до 17 часот, особено за работници кои се изложени на директна топлина. Воспоставување можности за работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо. Обезбедување на соодветни микроклиматски услови во работните простории, со температура до 25°C, освен каде што природата на работниот процес тоа не го дозволува. Ослободување од работни обврски на бремени жени и лица над 60 години, доколку не се обезбедени соодветни услови за работа, со исклучок на вработените во критична инфраструктура – здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија, се наведува во соопштението.

Министерството за економија и труд нагласува дека ќе продолжи да ги следи и координира активностите за заштита на здравјето и безбедноста при работа, во соработка со Министерството за здравство и останатите релевантни институции.

Овие мерки имаат за цел да ги намалат ризиците од топлотен стрес и други здравствени последици за вработените, како дел од националниот одговор на предизвиците од климатските промени и екстремните временски услови. Министерството ги повикува јавноста и бизнис-секторот на соработка и одговорност во спроведувањето на препораките за заштита на работниците и обезбедување безбедни и здрави работни услови, се истакнува во соопштението. 

Поврзани вести