
Американскиот претседател Доналд Трамп, во директното обраќање до нацијата, потврди дека американските сили извршиле напади врз три ирански нуклеарни постројки.
„Сите ги слушаа тие имиња со години додека ја градеа таа страшна и разорна нуклеарна програма. Нашата цел беше да го уништиме иранскиот објект за збогатување ураниум“, рече Трамп.
Додаде дека нападите биле спектакуларен воен успех и дека клучните капацитети за збогатување ураниум биле целосно уништени.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран мора да се согласи на мир сега, што претходно го кажа во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.
„Иран, насилникот на Блискиот Исток, мора да се согласи на мир сега. Ако не го стори тоа, идните напади ќе бидат многу помоќни и многу полесни за извршување“, рече Трамп во обраќањето до јавноста.
Додаде: „Или ќе има мир, или Иран ќе доживее трагедија многу поголема од онаа на која бевме сведоци во последните осум дена. Запомнете, остануваат уште многу цели“.
Трамп ѝ се заблагодари на израелската армија и ги пофали американските пилоти: „Светот со децении нема видено ваква операција“
Американскиот претседател рече дека САД и Израел работеле како тим. Тој ѝ се заблагодари на израелската армија за, како што рече, „одлична работа“, а посебно ги пофали американските пилоти и војници кои учествуваа во нападот на иранските нуклеарни постројки.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на израелската војска за прекрасната работа што ја направија, и уште поважно, сакам да им честитам на големите американски патриоти кои ги пилотираа тие прекрасни машини вечерва, како и на целата американска војска за операцијата каква што светот не видел многу, многу децении“, рече Трамп во обраќањето до нацијата.
Додаде дека ниту една армија во светот не можела да го направи тоа што го направија САД таа вечер и го пофали врвот на американската команда.
„Исто така, сакам да му честитам на претседателот на Здружениот Генералштаб, генерал Ден „Разин“ Кејн, спектакуларен командант и на сите брилијантни воени умови вклучени во овој напад“.
Видеото може да го погледнете тука.