
Со проекција на играниот филм „Кралици“ во режија на Клаудија Рејнике, од вечер во Кинотеката почнува Недела на перуански филм, во организација на Амбасадата на Република Перу во Букурешт, Кинотеката и почесниот Конзулат на Перу во нашата држава.
Филмот „Кралици“ (Reinas, 2024) по сценарио на Рејнике и Диего Вега Видал, говори за приказна фокусирана на односот меѓу еден татко и неговите ќерки, и нивните општествени предизвици во денешно Перу.
Како што најавија од Кинотеката, утре вечер ќе биде прикажан документарниот филм „Мисија Кипи“ ( Misión Kipi, 2024) на режисерката Сонали Туеста. Станува збор за трогателен и инспиративен филм во кој главната улога ја има роботот наменет за дружење и социјализација со деца кои поминале низ периодот на изолацијата за време на пандемијата со Ковид-19.
Циклусот завршува во сабота, 21 јуни, со играниот „Вкусно сушено овошје“ (Deliciosa Fruta Seca, 2017) на Ана Каридад Санчез – филм што балансира меѓу фикција и документарен пристап, претставувајќи емотивна приказна жена во седмата деценија на животот соочена со финансиска криза, која го преиспитува својот идентитетот и културното наследство.
Од Кинотеката соопштија дека сите три проекции се бесплатни за посетителите. На отворањето на фестивалот свое обраќање ќе има директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски и почесниот конзул на Перу во нашата држава, Ненад Јаничевиќ.