Skip to main content

Дел од вредната издавачка продукција на Државниот архив донирана во Македонскиот КИЦ во Софија

Во знакот на јубилејната 20-годишнина од постоењето и дејствувањето на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, Центарот продолжува да ја остварува својата мисија, афирмација на македонската култура, литература, уметност и национално духовно богатство, поставувајќи цврсти темели на културна дипломатија.

Во рамките на ова значајно одбележување, особена чест ни беше посетата на претставниците од Државниот архив на Македонија, м-р Марјан Гијовски, Воислав Цветковски и Јован Стојановски. Во знак на долгогодишната и плодна соработка, тие донираа дел од вредната издавачка продукција на Архивот, со што ја збогатија библиотеката на Македонскиот КИЦ во Софија, која веќе две децении функционира како отворена точка за размена на знаења и културни вредности. Меѓу значајните изданија кои сега се достапни за посетителите се:

• „70 години Архив во Велес – Најзначајниот меморијален центар на културното наследство“

• „Грчки документи за историјата на османлиска Македонија (крај на XIX и почетокот на XX век)“

• „Германски документи за месната самозаштита во Егејскиот дел на Македонија (1943–1944)“

• „Претседателството на СФРЈ (1980–1991): Документи за Македонија“

• „Разговори за распадот на СФРЈ (јануари–март 1991 година)“ и други наслови од висока научна и културна вредност.

Овие дела не се само печатени документи, туку живи сведоштва за историското и политичкото наследство на Македонија, кои се од исклучителна важност за истражувачите, студентите, културните работници и пошироката јавност, како и за сите оние што сакаат да ја разберат длабочината и сложеноста на македонската историја. Како институција што посветено и доследно работи на унапредување на културната дипломатија, Македонскиот КИЦ во Софија постојано иницира и реализира активности кои ја негуваат културната меморија и дијалогот. Посебно место во оваа мисија има соработката со Државниот архив, партнерство кое резултираше со бројни заеднички изложби, презентации и едукативни настани, и кое ќе продолжи и во иднина со нови проекти веќе во подготовка за тековната и следната година. Во знак на признание за досегашната соработка и за значајниот придонес кон зачувувањето и промоцијата на културното и историското наследство, на претставниците на Државниот архив им беа врачени благодарници „Мостови на културата“. Овие признанија се симбол на заедничката визија, потенцирајќи дека културата е најсилниот мост помеѓу народите, а преку културна размена и заемна почит можеме да изградиме трајни врски и заеднички вредности. Јубилејот на Македонскиот КИЦ во Софија не е само повод за ретроспектива, туку и поттик за иднина, за нови соработки, проекти и иницијативи што ќе ја продлабочуваат улогата на Центарот како активен чинител во промоцијата на македонската културна дипломатија не само во Софија, туку и насекаде каде што живее, твори и дише македонската мисла, вели Зоран Пејковски, директор на Македонскиот КИЦ во Софија.

Поврзани вести