
Петмина лидери на американската крајно десничарска група „Горди момчиња“, осудени во врска со упадот во Конгресот на 6 јануари 2021 година, поднесоа тужба против американската влада за 100 милиони долари, тврдејќи дека нивните права биле прекршени за време на гонењето, јави Би-Би-Си.
Тие беа осудени за заговор и учество во немирите, чија цел беше да се поништат резултатите од претседателските избори во 2020 година, кои ги загуби Доналд Трамп. Откако се врати во Белата куќа претходно оваа година, американскиот претседател ги помилува.
Во тужбата, поднесена во Флорида, се тврди дека агентите и обвинителите на ФБИ биле мотивирани од лична пристрасност во водењето на случаите. Лидерите на „Гордите момчиња“ тврдат дека нивните уставни права биле прекршени „со цел да се казнат и угнетуваат политичките сојузници“ на Трамп.
Тужбата ја поднесоа Хенри Тарио, Итан Нордејн, Џозеф Бигс, Закари Рел и Доминик Пецола.
Тарио беше прогласен за виновен за планирање на нападот врз Конгресот. Тој доби максимална казна од 22 години затвор за поттикнување и заговор, меѓу другите обвиненија. Другите четворица исто така се соочија со слични обвиненија и беа осудени на затвор. Нивните казни беа поништени од Трамп, кој во јануари – на денот на неговата инаугурација – издаде околу 1.500 помилувања за оние вклучени во тие немири.
Овие луѓе беа уништени. Она што им го направија е скандалозно. Ретко сме виделе нешто слично во историјата на нашата земја, рече Трамп по потпишувањето на помилувањата.
Во тужбата, се наведува дека петте лидери биле подложени на „бесрамна злоупотреба на правниот систем“. Во тужбата се тврди дека обвинители се вмешани во „фалсификување докази“ и „заплашување сведоци“. Исто така, се тврди дека обвинителството било „корумпирано и политички мотивирано“.
Тужбата е против Министерството за правда, кое моментално е под администрацијата на Трамп и предводено од државниот обвинител Пам Бонди. Според бројките објавени од одделот во јануари, околу 1.583 лица се обвинети за кривични дела поврзани со упадот во Конгресот.