
Силното невреме проследено со пороен дожд, ветер и град што попладнево го зафати Скопје предизвика паднати дрвја, поплави и сообраќајни пречки на неколку локации во главниот град.
Како што информира Центарот за упрваување со кризи (ЦУК), преку бројот за итни повици 112 примиле пријава за паднато дрво на ул. „Кочо Битолјанов“, од спротивната страна на „Алкалоид“, во близина на Скопска пивара.
– Постои опасност дрвото да оштети електрични кабли. Надлежните служби се известени и ќе постапат согласно своите надлежности. Апелираме до граѓаните навремено да пријавуваат вакви и слични ситуации на бројот за итни случаи 112, објави ЦУК на Фејсбук.
Пријавено е паднато дрво и на улица „Рузвелтова“, во близина на Сетек во Општина Карпош. Дрвото, како што се наведува, има блокирано три сообраќајни ленти и во моментов проодна е само една лента. Надлежната служба е веќе известена и се очекува наскоро да пристапи кон отстранување на дрвото.
Во ЦУК добиле пријава дека на булевар „Никола Карев“ кај Бит Пазар, под Стоковна куќа Мост има приближно 50 сантиметри вода и поради тоа целиот булевар е блокиран, а повеќе возила се заглавени.
Пријавено е дека на улица „Петар Манџуков“ во населба Бутел улиците се поплавени, шахтите се запушени и водата не се повлекува.
Надлежните служби, како што се наведува, се известени и ќе преземат соодветни мерки во рамки на својата надлежност.
Добиена е пријава дека е поплавена улицата „Македонско-косовска бригада“ во Општина Чаир. Таму неколку возила се заглавени, а паркот во близина е исто така поплавен.
Дополнително, пристигнала пријава и за навалена бандера од уличното осветлување на улицата „Народни керои“ кај Мечкаров, во Општина Кисела Вода.
Центарот за управување со кризи информира дека е во постојана координација со сите надлежни служби за ефикасно справување со настанатите ситуации.
ЦУК апелира до граѓаните да ги пријавуваат сите животозагрозувачки ситуации на бројот за итни случаи 112.