
Полскиот премиер Доналд Туск денеска во посебно обраќање до нацијата соопшти дека изборот на опозицискиот кандидат за нов претседател на Полска не менува ништо и оти владата има подготвен кризен план во случај новиот претседател Карол Навроцки да се обиде да го парализира нејзиното работење со вето, а итно ќе побара од парламентот да гласа за доверба на владата.
Сакам сите да видат, и нашите противници во земјата и во странство, дека сме подготвени за оваа ситуација, дека ја разбираме сериозноста на моментот, но не планираме да се повлечеме ни за чекор – изјави Туск.
Претседателот на проевропската влада на центарот и левицата нагласи дека претседателските избори од 1 јуни тука ништо не промениле и нема да променат.
Кризниот план кој предвидува мачна кохабитација е подготвен. Тешко е однапред да се каже каков ќе биде новиот претседател. Ако покаже волја за соработка, тоа ќе биде позитивно изненадување на кое ќе одговориме отворено. Ако не, нема што да чекаме, ќе почнеме со работа без оглед на околностите бидејќи за тоа сме избрани – рече Туск.
Тој најави дека прв чекор ќе биде што побрзо да побара од парламентот да гласа за доверба на владата, за што владејачката коалиција има доволно мнозинство, а потоа едноставно, без оглед на ризикот од вето на шефот на државата, ќе предлага и усвојува нови закони.
Ако биде потребно, ќе владееме и ќе донесуваме одлуки и покрај претседателот кој ги блокира добрите промени. Веќе имаме искуство. Имаме премногу да направиме, почнувајќи од меѓународните прашања, изградба на силна армија и силна економија. Ќе соработуваме со новиот претседател каде што е тоа неопходно и можно – рече Туск.
Пред обраќањето на премиерот, лидерот на опозициската конзервативно-националистичка партија Право и Правда, Јарослав Качињнски, чија идеја беше непознатиот историчар да се постави како кандидат на популистите на претседателските избори, му порача на Туск дека гласачите во неделата ѝ дале црвен картон на владата.
Демократијата ги покажа забите. Владата која денеска управува не ги исполни ветувањата. Нејзините планови се удар врз нашата слобода и нашиот суверенитет. Затоа владата доби црвен картон. Таква влада треба да замине – рече Качињски.
Лидерот на полските популисти побара да се формира техничка влада чиј премиер заеднички би го пронашле разни политички опции во дебата, а на местата министри да се постават експерти.
На претседателските избори во неделата, Полска се подели на два спротивставени еднакви табора и со тесно мнозинство од само 370.000 гласови од вкупно 28,9 милиони гласачи беше избран следбеникот на американскиот претседател Трамп, во младоста фудбалски хулиган и боксер, сега историчар и директор на Институтот за паметење на народот, Карол Навроцки, пренесе Бета.