
Полска ќе се воздржи од планираните ветувања за повеќе милијарди на НАТО за Украина, соопшти денеска полскиот премиер Доналд Туск во Варшава, неколку дена пред самитот на Алијансата во Турција.
Во принцип, Туск ја поддржа помошта за Киев, велејќи дека „на Украина ѝ е потребна финансиска поддршка“.
Но, Полска мора да ја заштити источната граница на ЕУ – додаде тој. Поради особениот товар со кој се соочува Полска во заштитата на надворешните граници на ЕУ и НАТО кон Белорусија и Русија, Варшава веќе обезбеди изземање од Пактот за азил на ЕУ.
Односите меѓу Украина и Варшава во моментов се затегнати поради прашања поврзани со нивната историја за време на минатите конфликти. Овој јаз се заканува да се прелие и во другите области на соработка, пренесе ДПА.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски и неговиот украински колега Андриј Сибиха во Варшава разговараа за моменталната состојба на односите. Министерот од Киев не даде изјава за медиумите по средбата, јави полскиот телевизиски канал ТВН.
Извори за ДПА денеска изјавија дека сојузниците во НАТО планираат да ветат воена помош вредна милијарди евра за Украина за време на самитот во Анкара. Амбасадорите на 32-те земји членки на Алијансата ја поддржаа мерката на денешниот состанок во Брисел, дознава ДПА:
Според плановите, сојузниците се обврзуваат да ја поддржат Украина со 70 милијарди евра (80,1 милијарди долари) годишно во период од две години – вкупно 140 милијарди евра – за воена опрема, поддршка и обука.
Финансирањето, сепак, вклучува и заем од ЕУ за поддршка на вооружените сили на Украина во вредност од 60 милијарди евра за 2026 и 2027 година. Со тоа остануваат околу 40 милијарди евра кои сојузниците во НАТО би требало да ги покријат од своите национални буџети на годишно ниво.
Се очекува лидерите на НАТО формално да ја одобрат помошта во Анкара в среда.
Туск изјави дека ја пренел позицијата на владата до полскиот претседател Карол Навроцки, кој ќе ја претставува Полска на состанокот што ќе се одржи на 7 и 8 јули.(МИА)

Македонски



