Skip to main content
Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите

Потребно е да се поддржат заложбите за негување и зачувување на влашкиот јазик, идентитет и култура

Почитувани припадници на влашката заедница,

На 23 мај 1905 година, пред 120 години, со декретот на султанот Абдул Хамид Втори се прифати вистината за Власите како посебен, автохтон народ, со сопствен јазик, автентична култура и многувековно постоење на овие простори. Освен што овозможи отворање на училишта на влашки јазик во рамките на Отоманската Империја, овој чин одигра клучна улога за влашката преродба. Не случајно, во 1991 година, токму овој историски датум бил прогласен и за Национален ден на Власите. Особено сме горди што речиси две децении 23 Мај се празнува и во нашата заедничка македонска татковина.

И покрај предизвиците во образованието, претставниците на влашката заедница континуирано го вложуваат својот креативен потенцијал во секоја општествена сфера. Затоа, државата мора да ги отстрани и последните пречки за нашите сограѓани, Власи, да можат без никаков проблем да го остваруваат човековото право на образование. Затоа, потребно е да се поддржат заложбите за негување и зачувување на влашкиот јазик, идентитет и култура. Влашкиот јазик е дел не само од македонското, туку и од европското културно богатство.

Нека е за многу години 23 Мај, Националниот ден на Власите!

Ti multsã-anji

Гордана Сиљановска-Давкова

Поврзани вести