Skip to main content

Ѓоргова: Анета Светиева е раскажувач преку форма, сведок на времето и чувар на длабоките културни слоеви што го обликуваат нашиот идентитет

Во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашини амам вчера беше отворена ретроспективната изложба на уметницата Анета Светиева, една од најзначајните македонски современи уметници.

Пред многубројните гости меѓу кои и претседателката Гордана Силјановска Давкова пред присутните се обрати државната секретарка во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова.

Чест е и привилегија е, рече Ѓоргова, да се присуствува на изложба на Анета Светиева, уметница која има исклучително значајна улога во современата македонска уметност.

Анета не е само скулпторка. Таа е раскажувач преку форма, сведок на времето и чувар на длабоките културни слоеви што го обликуваат нашиот идентитет. Нејзиниот творечки пат започнува во шеесеттите години на минатиот век, но и денес нејзината уметност зрачи со свежина, длабочина и духовна сила. Секогаш верна на својот внатрешен глас, таа не следи трендови, туку создава светови. Нејзините дела зборуваат за корените, за обичаите, за митологијата – не како носталгија, туку како жив дијалог со современост“, рече Ѓоргова.

Анета Светиева ја претставуваше Македонија и на најпрестижната меѓународна сцена – Венецијанското биенале, каде што беше препознаена по својот автентичен и длабоко човечки израз.

Изложбата беше збогатена и со монографија издадена од Националната галерија, а подготвена од Викторија Васева-Димеска со која како што рече Ѓоргова, се заокружува творештво кое заслужува да биде чувано, славено и пренесено на идните генерации.

Изложбата ќе трае до 31 август.

Поврзани вести