
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најстарата и најголема високообразовна институција во земјава, годинава одбележува 76 години од своето основање. По тој повод, Универзитетот организира тридневна програма со настани на 22, 23 и 30 мај, како дел од чествувањето на јубилејот и патрониот празник – Денот на светите Кирил и Методиј.
Свеченостите ќе почнат на 22 мај, во четврток, со концерт на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ во Дом на АРМ.
Централниот настан ќе се одржи на 23 мај, во петок. Ќе почне на платото пред Ректоратот, каде ќе се положи цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј, а потоа програмата ќе продолжи во свечената аула на Универзитетот. Предвидени се обраќања на ректорката Биљана Ангелова и претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски, по што ќе следи свечено доделување награди за најдобрите дипломирани студенти за учебната 2023/2024 година, како и доделување на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“. Настанот ќе биде збогатен со уметничка програма на студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје.
Одбележувањето на годишнината ќе продолжи и на 30 мај, во петок, со уште еден значаен настан – свечено доделување на титулата почесен професор (professor honoris causa) на Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија. И овој ден ќе биде придружен со пригодна уметничка програма.
-УКИМ останува симбол на академска извонредност, научен развој и општествена одговорност. Веќе 76 години сме двигатели на знаењето, критичката мисла и прогресот во нашето општество. Денес, УКИМ е дом на илјадници студенти, наставници и истражувачи кои го градат патот кон иднината. Прославата на 76-годишнината е потсетник за улогата што Универзитетот ја има како темел на академскиот развој во земјата и најдоброто место за отпочнување и градење на успешна професионална иднина, наведува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.