
Интернационалниот фестивал за монодрама продолжи со работилница „Еден збор, безброј приказни“ со драматургот Билјана Крајчевска, а во рамки на придружната програма НУ Центар за култура-Битола ќе промовира монографија „1/4 век Интернационален фестивал на монодрама“.
Во изјава за МИА, претседателката на Советот на фестивалот, м-р Љупка Стефановска истакна дека придружната или ОФФ-програма годинава е исклучително богата, а работилниците се посветени на најмладата публика.
На денешната работилница учествуваа деца на возраст од 12 до 16 години и со единствена цел секој учесник да научи да пишува и изведе краток личен или фиктивен монолог, а од драматургот Крајчевска да добие упатства и идеи како да развие монодрама. Работилницата е дводневна, но во рамки на фестивалот на 22 мај работилница ќе одржи и културниот амбасадор, магистер по глума, наставникот Роналд Ранд. Тој доаѓа од САД, а на работилницата со деца ќе говори на тема „Уметноста на трансформацијата“, посочи Стефановска.
На новото 26. издание на Интернационалниот фестивал за монодрама ќе биде промовирана монографија „1/4 век Интернационален фестивал на монодрама – Битола“.
Станува збор за дело публикувано на 161 страници во кое авторите професор д-р Сашо Димоски и драматургот Билјана Крајчевска, имаат забележано картографски материјал за 25 години реализирани фестивали на монодрама, добитници на Гран При, наградени, впечатливи монодрами, гости и други значајни лица кои придонеле за организацијата на фестивалот, меѓу кои секако иницијаторката за овој фестивал Љупка Коларова Пајевиќ. Придружната програма ќе ја завршиме со две панел дискусии и промоција на книгата „Алма Малер“ од авторот Сашо Димоски, посочи Стефановска.
Вечер во рамки на натпреварувачката програма учествуваат актерот од Литванија Ауримас Пинтулис кој ќе ја изведе монодрамата „Приказната за г-дин Сомер“ и македонскиот актер Здравко Стојмиров кој ќе ја изведе монодрамата „Криг“.