
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска оствари целодневна посета на Карпош и на терен направи увид на тековните градски и заеднички проекти, а беа утврдени и приоритетите за наредниот период.
– Договоривме јасни приоритети за следниот период, зад кои Град Скопје ќе застане со силна поддршка и конкретни активности. Денот го започнавме со оние што ни даваат најмногу причини да веруваме во иднината – најуспешните ученици на Карпош. Присуствувавме на свеченото доделување признанија за нивниот труд, знаење и постигнати резултати. Нивните успеси се гордост за семејствата, училиштата и целиот град, а наша обврска е да им обезбедиме услови во кои ќе продолжат да учат, да напредуваат и да ги остваруваат своите соништа – изјави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски и неговиот тим оддржаа и работен состанок со општинските служби, на кој беа утврдени следните чекори за заеднички проекти, поддршката од Градот и реализацијата на ветеното во мојата програма за Карпош.
– За секое ветување имаме одговорност пред граѓаните, а таа одговорност се докажува со работа и резултати. Го посетивме и просторот каде што се создава новиот мега парк – 86.000 квадратни метри наменети за одмор, рекреација и убави мигови за сите генерации. Со нова урбана опрема, детски катчиња, повеќенаменски игралишта, зеленило и сопствена хидрантска мрежа, Карпош добива простор во кој детската игра, спортот и семејните прошетки ќе станат дел од секојдневието. Токму ова место со години беше огромна дива депонија, слика што потсетуваше на Вардариште. Наместо да се заштити еден од најубавите делови на градот, несовесното однесување и непостапувањето на поранешните градски власти дозволиле тука да се натрупува отпад, да се палат кабли и да се шири чад. Граѓаните предолго ги трпеа последиците од таквата негрижа. На тоа му ставаме крај! Депонијата е исчистена, отстранет е слојот од теренот на кој со години се таложел отпад и се носи чиста земја. Просторот се подготвува за уредување и за новото зеленило, а со секој завршен чекор поранешната депонија се претвора во место што ќе им припаѓа на граѓаните. Наскоро, Карпош добива нов мега парк, простор што ќе остане за сегашните и за идните генерации и доказ дека со одлучност, работа и соработка можеме да ги менуваме и најзапуштените делови на Скопје. – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски нагласи дека од ветените проекти за Карпош, привршуваат и градежните активности за пуштање во употреба мостот на „Љубљанска“, проект од огромно значење кој неколку години беше закочен.

Македонски


