
Претставниците на Агенцијата за филм на Македонија на Канскиот филмски маркет остварија бројни средби со професионалци од филмската индустрија. Крајот на денот беше одбележан со присуство на панел-дискусијата „Ајде!“, каде говореше и директорката на Агенција А филм – Вероника Бучковска.
Дополнително, беше одржана значајна средба со Susan Newman-Baudais, извршна директорка на Еуримаж, европскиот копродукциски фонд, на која се отворија нови можности за понатамошна поддршка и соработка.
На панел-дискусијата „Ајде! Копродукција со Југоисточна Европа“, се разговараше за растечкиот потенцијал на регионот како центар за меѓународни копродукции. Заклучокот беше дека Југоисточна Европа нуди конкурентни можности за поврат на средства, квалификувани филмски екипи, живописни локации и развиена мрежа на регионални фондови — што ја прави една од најперспективните филмски коридори во Европа.
Панелот ги обедини претставниците на националните филмски институции од регионот, кои споделија искуства, успешни приказни и практични совети за ефективна соработка. Настанот беше наменет за сите што сакаат да ги прошират своите креативни партнерства или да истражат нови можности за финансирање.