
Денес во Скопје се одржа регионалната конференција „Empowered – Предизвици и можности за работна и социјална инклузија на лицата со попреченост во регионот на Западен Балкан“,на која присуствуваа над 100 учесници од целиот регион, меѓу кои претставници на министерства, меѓународни организации, здруженија на лица со попреченост, локални власти и експерти.
Конференцијата беше свечено отворена од заменик министерот за социјална политика, демографија и млади на Република Македонија, Ѓоко Велковски, кој во своето обраќање истакна:
„Со јасна визија, со силна политичка волја и со партнерства што го надминуваат националниот интерес, денес покажуваме дека Република Македонија не чека – туку дејствува. Оваа конференција не е само форум, туку политичка и општествена порака дека сме подготвени како Влада, како институции и како општество да вложиме во инклузивни политики кои носат реална промена на терен. Нашето политичко делување и заложба е едноставно – никој не смее да биде изоставен. Не само на хартија, туку во реалноста.“
Во рамки на трите тематски панели – Inclusive Balkans, From Policy to Practice и The Way Forward, учесниците дебатираа за предизвиците и можностите поврзани со вработувањето, образованието, пристапот до услуги и меѓусекторската соработка. Посебен акцент беше ставен на потребата од зајакнување на јавно граѓанско приватните партнерства и ефективно искористување на постојните фондови за локална инклузија.
Како еден од клучните резултати беше постигнат консензус за формирање Регионална работна група за инклузија на лицата со попреченост, како и иницирање на заедничка Декларација за инклузија на ниво на Западен Балкан. Учесниците претставија добри практики и идеи за конкретни проекти кои ќе се реализираат во партнерските заедници во наредните години.