Skip to main content

Росица Кулакова: Судот по вторпат ја уби Фросина, излезете со нас на протест за да нема други мајки што ќе го носат товарот на неказнивост

Оваа срамна пресуда е само уште еден триумф на праксата на неказнивост што ја негува нашето труло судство, реагира Росица Кулакова, сестрата на загинатата Фросина, по денешната пресуда со која возачот кој ја прегази и усмрти, Васил Јованов доби казна затвор 12 години.

12 години за животот на Фросина. 12 години за масакрот на сестра ми што преминуваше улица на пешачки премин на зелено. 12 години за искршен череп, распарчено срце и уништена иднина.
Ова не е пресуда. Ова е плукање врз болката на цело наше семејство и врз болката на сите што ја сакаа Фросина. Во оваа фарса убијците добиваат милост, а невините жртвите завршуваат во правни архиви.
Кои се тие олеснителни околности? Дека не побегнал? Дека вриштел врз мртвото тело на сестра ми за последиците кои нејзината смрт ќе ги има на неговиот мизерен живот? Дека е „спортист”? Дека е жив? А Фросина? Фросина немаше ни една олеснителна околност. Фросина сега има само гроб.
Овој суд не донесе правда. Донесе јасна порака: во оваа земја, убиството се исплаќа
Ова не е пресуда што ја задоволува правдата. Ова е потсмев кон секој родител што плаче над гробот на своето дете. Ова е доказ дека во нашата судска пракса неказнивоста стана правило, а на правдата и се врзани рацете
Срам да ви е!, порача Кулакова.

Додаде дека нема да молчат и дека од нивната болка ќе направат за промена.

Излезете со нас на протест за да нема други мајки што ќе го носат товарот на неказнивост, за да нема повеќе откорнати невини животи. За да има правда за Фросина и за правда за сите! За сите кои утре може да завршат под тркалата на некој монструм. За сите што оваа држава ги предаде!
📍Се гледаме утре во 17.00ч пред Универзална Сала – на местото каде што на монструозен начин и беше одземен животот на Фросина по што ќе се упатиме кон судот кој денес, по втор пат ја уби.
Нека нашите чекори одекнат во име на правдата. Денес за Фросина, а утре и за сите останати потенцијални жртви на корумпираниот систем на неказнивоста.
❗️СУДИИ – УБИЈЦИ❗️

Поврзани вести