Skip to main content

Апелација пресуди: Една година затвор за Стевчо Јакимовски

Поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, е осуден на една година затвор за изградбата на општинската зграда, пресуди Апелација.

Апелациониот суд Скопје, делумно ја потврди пресудата против С.Ј. и Т.Ѓ поврзана со изградба на општинската зграда во Карпош. Второ степениот суд, постапувајќи по жалба на обвинетите и на надлежниот Јавен обвинител донел пресуда со КОКЖ бр. 110/25 според која, пресудата против обвинетиот С.Ј. – поранешен градоначалник на општина Карпош, за кривичното дело – Бесправно градење од чл. 244 – а ст.1 од КЗ за кое дело му е утврдена казна затвор во траење од 1 година СЕ ПОТВРДУВА, а во изречената казна затвор му се засметува и времето минато во куќен притвор од 19.03.2019 год до 15.08.2019 година, информираат од судот.

Оттаму додаваат и дека за еден дел од предметот, судењето се враќа од почеток.

Во однос на кривичното дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.4 вв ст.1 вв чл. 45 од КЗ жалбата на обвинетиот е уважена и предметот, само во тој дел се враќа на повторно судење. Во однос на ова кривично дело, со оглед да истото е сторено во период од 2011 година до 2017 – та година, предвидената казна е од три до пет години, па согласно одредбите за застарување истото би застарело во 2027 – ма година.

Што се однесува до обвинетиот Т.Ѓ за кого со првостепената пресуда е утврдена Условна осуда, истата е укината од Апелациониот суд и предметот е вратен на повторно постапување, велат од судот.

Од Кривичниот суд појаснуваат дека предметот во однос на укинатиот дел ќе биде распределен на понатамошно судење кај нов судија со оглед да судијата кој досега постапуваше не е во одделот за организиран криминал и корупција, а во однос на потврдената затворска казна ќе биде доставен на понатамошно постапување кај судија за извршување санкција.

Поврзани вести