Skip to main content

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Фото: Freepik

Едностраното признавање на палестинска држава ќе го натера Израел да преземе „еднострани мерки“, предупреди израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар по средбата со неговиот германски колега Јохан Вадефул во Ерусалим.

– Секој обид за еднострано признавање (…) само ќе ги наруши идните можности за билатерален процес и ќе нѐ принуди на еднострани мерки како одговор, предупреди Саар.

Германија го поддржува принципот на решение со две држави кои меѓусебно се признаваат.

– Перспективата за решение со две држави е најдобрата шанса за живот во мир, безбедност и достоинство и за Израелците и за Палестинците. Ова не треба да се попречува ниту со продолжување на изградбата на нелегални населби, ниту со прераното признавање на палестинска држава, истакна Вадефул.

Близу 150 држави ја признаваат палестинската држава. Во мај 2024 година, оваа одлука ја донесоа Ирска, Норвешка и Шпанија, а во јуни истата година им се приклучи и Словенија. Се очекува во јуни годинава францускиот претседател Емануел Макрон и Саудиска Арабија да копретседаваат на меѓународна конференција во ОН, со цел поддршка на решението со две држави.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неколку министри од неговата влада – една од најдесничарските во историјата на земјата – во последните месеци повеќепати изјавија дека се против создавањето на палестинска држава. Саар повтори дека за нив тоа би значело „награда за тероризмот на Хамас“.

Воената кампања во Газа започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, при што загинаа најмалку 1.218 лица од израелска страна, претежно цивили. Во одмаздничката кампања на Израел во Појасот Газа загинаа најмалку 52.829 лица, претежно цивили, според здравствените власти на палестинската енклава под контрола на Хамас. Од 251 лице киднапирано тој ден, 58 сè уште се во Газа, а 34 се прогласени за мртви од израелската армија.

Гидеон Саар додаде дека неговата земја целосно ја поддржува американската иницијатива за распределба на хуманитарна помош во Појасот Газа, која не вклучува директно израелско учество. Од ОН и невладини организации предупредуваат на недостиг на храна, лекови и гориво во блокираната палестинска територија. Саар обвини дека „Хамас“ ја присвојува помошта за воени цели, наместо да ја дистрибуира на цивилите.

Германскиот министер за надворешни работи Вадефул го повика израелското раководство да ги обнови преговорите за прекин на огнот со вооружената палестинска групација. Тој призна дека хуманитарната помош мора да стигне до цивилите, а не до „Хамас“, кој според него злоупотребувал помош во минатото.

Вадефул исто така ја истакна позицијата на новата германска влада која стапи на должност минатата недела, потенцирајќи дека обновата на Газа мора да биде поврзана со политичко решение кое го исклучува „Хамас“ од управувањето.

Израелскиот министер Саар го пофали новото германско раководство како „вистински пријатели на Израел“, изразувајќи надеж за интензивна соработка со новата администрација на канцеларот Фридрих Мерц. 

Поврзани вести