
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Турција в четврток за директни преговори за ставање крај на војната на Русија против Украина.
„Очекуваме целосен и траен прекин на огнот, почнувајќи од утре, за да се создаде основа за дипломатија. Нема смисла да се продолжува со убиствата“, напиша Зеленски на платформата „Икс“.
„И јас лично ќе го чекам Путин во Турција во четврток. Се надевам дека овој пат Русите нема да бараат изговори“.
Неговата објава доаѓа откако Путин изјави дека е отворен за преговори во Истанбул уште во четврток за крај на војната во Украина, која трае повеќе од три години.
Неколку минути пред објавата на Зеленски, американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи повика Украина „ВЕДНАШ“ да ја прифати понудата на Путин за директни мировни преговори.
„Барем ќе можат да утврдат дали е возможен договор, а ако не е, европските лидери и САД ќе знаат каква е ситуацијата и ќе можат да постапат соодветно!“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушл“.
„Почнувам да се сомневам дека Украина ќе склучи договор со Путин, кој е премногу зафатен со прославување на Победата во Втората светска војна, која не можеше да биде извојувана (немаше ни да биде блиску!) без Соединетите Американски Држави. ОДРЖЕТЕ ЈА СРЕДБАТА, СЕГА!“, нагласи Трамп.
Претходно денеска, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неговата земја е идеална локација за преговори. Неговиот директор за комуникации соопшти дека Ердоган одделно им кажал на францускиот претседател Емануел Макрон и на Путин дека Турција е подготвена да биде домаќин на разговорите.
Кремљ ја потврди телефонската комуникација меѓу Путин и Ердоган, при што детално се разговарало за руската иницијатива за продолжување на преговорите, соопшти Москва.
Овие случувања следуваат по вчерашната средба во Киев меѓу Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер и полскиот премиер Доналд Туск. Заедно со Зеленски, тие повикаа Русија да прифати 30-дневен прекин на огнот без предуслови, кој треба да почне утре, или да се соочи со нови санкции.
Официјални лица од Кремљ веднаш го отфрлија планот за прекин на огнот, по што, Путин неколку часа подоцна понуди директни преговори со Зеленски.
Во меѓувреме, Генералштабот на Украина соопшти дека руските сили започнале нови напади во источна Украина по истекот на тридневниот прекин на огнот, еднострано објавен од Москва, кој се совпадна со прославите во Москва по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората световна војна.
Нападите засега се со помал обем, при што доцна попладне биле регистрирани 67 руски напади на различни делови од фронтот. Во последните недели, дневно беа забележувани речиси 100 борбени операции.
Во меѓувреме, украинскиот Генералштаб соопшти дека руските сили започнале нови напади во источна Украина по истекот на тридневниот прекин на огнот, објавен од Москва. Нападите, главно околу Покровск, каде што беа регистрирани 36 обиди за пробив, биле одбиени, соопштија украинските власти.