
Турската компанија Џагатај Кабло, која веќе подолго време работи во рамките на ТИРЗ Скопје 1, ќе инвестира 6 милиони евра во проширување на своето производство со изградба на нов објект од околу 10 000 квадрати, што ќе донесе нови 200 вработувања, соопштија денеска од Дирекцијата за ТИРЗ.
Оваа нова фабрика која ќе биде двојно поголема од постоечката, освен што ќе отвори нови работни места, се додава во соопштението, истата ќе донесе и нови технологии, што всушност се должи на подобрениот пристап од страна на новата влада.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски денеска во Истанбул ја посетил компанијата и остварил средба со Ахмет Шемшетин Короглу, претседател на одборот. Toj посочил дека оваа инвестиција, што беше најавена во јули минатата година, е доказ за довербата на странските инвеститори во стабилната економска клима и поддршката што ја нуди државата. Димовски истакнал дека како институција во соработка со Владата, Дирекцијата за ТИРЗ ќе продолжи и понатаму со активна и транспарентна поддршка на сите странски инвеститори.
Од страна на менаџментот била изразена благодарност за поддршката од Дирекцијата, како еден од клучните фактори за проширувањето на оваа инвестиција која ќе донесе додадена вредност во националната економија.
– По најавеното проширување во јули минатата година, оваа втора фаза на инвестирање од страна на Џагатај Кабло значи многу поголема доверба во владата и системот, кој според нив работи многу добро, се подвлекува во соопштението од Дирекцијата за ТИРЗ.
Инаку, Џагатај Кабло произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила.