
26-годишниот навивач на Аталанта, Рикардо Кларис, трагично го загуби животот во Бергамо, откако синоќа дојде до судири меѓу навивачи на Ла Деа и Интер.
Според италијанските медиуми, конфликтот започнал во бар во населбата Борго Санта Катерина, каде групи навивачи прво влегле во жестока расправија, која подоцна продолжила на улиците во близина на стадионот на Аталанта.
Несреќниот Кларис бил избоден со нож во грбот од 19-годишниот навивач на Интер, Јакопо Де Симоне, кој сам се пријавил во полиција и во моментов се наоѓа на распит.
Наводно, Кларис се вмешал за да го одбрани својот брат, откако наишол на група од околу 10 лица. Жителите во околината велат дека биле разбудени од викање околу 1 часот по полноќ, а дел од нив слушнале и повици: „Има нож!“.
Итната помош брзо пристигнала на местото, но за жал не можела да му го спаси животот на Кларис. Ножот бил пронајден неколку метри оддалечен од неговото тело.