Skip to main content

Во демирхисарско Смилево се одржуваат „Денови на Смилевски конгрес“

Со промоција на уметничка инсталација „Сенката на светилникот“ и со трибина за „Значењето на Даме Груев и Смилевскиот конгрес за идентитетот на македонскиот народ во еден современ плуриперспективен и метакултурен контекст“ во демирхисарското село Смилево почна манифестацијата „Денови на Смилевски конгрес“.

Според востановената традиција, најнапред положивме венец на гробот на Даме Груев, а потоа на трибина говоревме за улогата на Даме Груев, за Смилевскиот конгрес и за селото Смилево како упориште на револуцијата, изјави за МИА Ристо Грујовски, претседател на Здружение на граѓани „Дамјан Груев“-Битола.

Манифестацијата ја почнавме симболично со поистоветување на денот кога во 1903 година во Смилево пристигнаа делегатите на Смилевскиот конгрес, одредница на која се донесени историски важни одлуки за Илинденското востание. На трибината д-р Роберто Трајковски, доктор по историски науки прв пат во јавност истакна ретки податоци кои ги добил по извршено истражување во германски весници и во кои тој пронајде над 70 натписи посветени за Даме Груев и неговата улога во востанието, додека пак Васко Гичевски, дипломиран историчар говореше за селото и селанството како логистичка поддршка за време на револуционерните дејствија и Илинденското востание. Генерално, нашата порака од одржаната трибина гласи – Да го почитуваме минатото и да ги негуваме традициите за да го сочуваме идентитетот, посочи Грујовски.

Во Смилево годинава поставена е уметничка инсталација „Сенката на светилникот“ која во три димензии претставува бестелесен светилник изработен од уметници од Грција, членови на визуелен колектив BUFF од Лерин. Трдиционалниот облик на светилникот е транскирибиран во архитектонската морфологија на кулата Галата во Истанбул, со цел да се прикажат мотивите на зградата како тековен хетеротопичен феномен во историјата.

Манифестацијата „Смилевски Конгрес“ продолжува со културниот настан „Напред во минатото“, односно со поворка на Мајовци во која ќе учествуваат девојки и момчиња облечени во народна носија и со зурли и тапани на Мајовци, од мостот во селото Смилево се упатуваат до куќата на Даме Груев. Вечер за публиката во Смилево ќе бидат приредени концерти на традиционална џез музика и мултимедијална инсталација на уметничката група „Трета сликарска лабораторија“.