
Шпанските власти ќе ги истражат причините за вчерашниот неколкучасовен прекин во напојувањето со електрична енергија, што ја погоди и Португалија и делови од Франција, порача шпанскиот премиер Педро Санчез, а експертите не веруваат дека станува збор за кибер напад.
Ќе бидат преземени сите потребни мерки за ова да не се случи повторно, рече Санчез на прес-конференција, најавувајќи формирање истражна комисија која ќе биде контролирана од Министерството за еколошка транзиција.
Националниот суд, исто така, ќе спроведе истрага за можна ИТ саботажа, иако експертите засега не веруваат дека тоа била причина за прекинот на електричната енергија.
Техничарите за електричната мрежа спроведуваат анализа на системот. Ги очекуваме првите прелиминарни резултати во наредните часови или денови. Ниту една хипотеза нема да биде отфрлена додека не ги добиеме тие резултати од анализата, додаде шпанскиот премиер.
Судијата на Националниот суд во Мадрид, одговорен за најтешките кривични дела во земјата, вклучително и тероризмот, најави започнување истрага за можна „информациска саботажа“, што би претставувало тероризам.
По анализите што ги спроведовме досега, можеме да исклучиме кибернетски инцидент на електричната мрежа“, се наведува во соопштението на операторот на шпанската електрична мрежа REE, што го потпиша директорот за операции Едуардо Прието.
И португалската Влада не верува во кибер инцидент.
РЕЕ вчера објави дека се случила силна осцилација во мрежата, што предизвикало шпанскиот систем да се исклучи од европската мрежа.
Премиерот Педро Санчез истакна дека дефектот не е поврзан со недостаток на нуклеарна енергија во Шпанија, како што критикуваа десничарите и некои граѓани на социјалните мрежи.
Прашањето за нуклеарната енергија со месеци наназад е во средиштето на политичката дебата во Шпанија, бидејќи владата објави дека наскоро ќе ги затвори два од последните пет реактори, кои обезбедуваат 20 проценти од потрошувачката на електрична енергија во земјата, во споредба со 40 проценти за сончевата и ветерната енергија.
Шпанскиот електроенергетски систем, според РЕЕ, утринава беше повеќе од 99 проценти оперативен, како и португалската мрежа, наведе португалскиот оператор РЕН.
Целосно враќање во нормалноста со нетрпение се очекуваше и во Шпанија и во Португалија по вчерашниот долг ден минат во справување со тешкотиите од затворените метроа, преполните автобуси, блокирани возови и исклучително отежнати комуникации.