Skip to main content

Аун ги повика Вашингтон и Париз да го принудат Израел да ги прекине нападите врз Либан

Либанскиот претседател Жозеф Аун вечерва ги повика САД и Франција гарантите на примирјето, да го принудат Израел да ги прекине нападите врз Либан.

Аун го осуди денешниот израелски напад врз едно од јужните предградија на Бејрут, истакнувајќи оти „САД и Франција, ако гаранти на договорот за прекин на огнот, мора да преземат одговорност и да го принудат Израел веднаш да ги прекине нападите“.

Израелската армија соопшти дека денеска нападнала магацин за „прецизни ракети“ на Хезболах во главниот град на Либан, Бејрут.

Засега нема информации за евентуални човечки жртви.

Тоа е трет напад врз Бејрут од примирјето од 27 ноември, со кое заврши двомесечната војна помеѓу проиранското движење Хезболах и Израел. И покрај примирјето Израел извршува напади врз Либан, тврдејќи дека цел се борците и инфраструктурата на Хезболах.

По отпочнувањето на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, откако палестинското движење Хамас го нападна Израел, Хезболах отвори фронт против Израел истрелувајќи ракети од јужен Либан во знак на поддршка на својот палестински сојузник. Непријателства ескалираа во отворена војна во септември 2024 година со интензивно израелско бомбардирање на Либан, главно против упориштата на Хезболах, при што загинаа повеќе од 4.000 луѓе.

Поврзани вести