
Противпожарно возило од марката „ивеко“ и опрема за лична заштита и спасување доби Доброволното противпожарно друштво од Кочани, донација од Амбасадата на Германија.
Донацијата е во рамки на воспоставената соработка и е поддршка за општина Кочани по трагичниот пожар во клубот „Пулс“. Возилото е набавено со средства од Амбасадата, а располага со хидраулична опрема, пумпи за вода, клешти за извлекување лица во сообраќајки и може да превезува девет лица.
Во комплетот заштитна опрема има три илјади заштитни панталони, шлемови, ракавици и други единечни делови, како и 300 пара чизми, а опремата ја обезбедија членовите на германското Здружение на доброволни пожарникари.
-Со колегите зедовме одмор за да возиме три илјади километри и да ја донесеме опремата, а овде запознавме луѓе на кои таа навистина ќе им биде потребна. Посакуваме да немаат многу интервенции, а од оние малку што ќе ги имаат да се вратат живи и здрави и да бидат соодветно заштитени, истакнаа претставниците на германското Здружение на доброволни пожарникари.
Волонтерите од Доброволното противпожарно друштво од Кочани изразија благодарност за донацијата во име на граѓаните на општината.
-Со оваа опрема значително ги зголемуваме нашите капацитети за дејстување, како кај пожари, така и кај технички интервенции, во сообраќајни несреќи. Ова е голем исчекор за нашата работа и се надеваме дека во иднина ќе можеме заедно да соработуваме и на други проекти, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Донацијата на возилото и опремата е продолжување на поддршката Амбасадата на Германија која заедно со ДПД – Кочани пред две недели почна проект за психолошки обуки за наставниот и друг кадар во основните и средните училишта, како и за воспитувачите во градинките во Кочани. Исто така, ќе спроведат практични обуки за укажување прва помош, превенција и заштита од пожари за учениците.
Извор: Канал 5