
Петтото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи периодот 24 до 26 април на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“ и Галерија), во кафе-книжарницата „Буква“ и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје.
Ќе гостуваат поети, од пет држави, а ќе настапат и триесетина домашни поети. Од странство ни доаѓаат автори од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија и од Бугарија.
Мотото на годинешниот фестивал е „Од ритам до алгоритам“ („Поезијата е ритам ‒ од срцата в гради до пулсот на градот. / Јазикот е алгоритам ‒ со кодови го храни за смислата гладот“). Со ова мото сакаме да го одбележиме нашиот мал јубилеј ‒ 5 години СПФ, но и да го поврземе со големиот јубилеј 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Автор на постерот е Андреј Павлов.
Официјалното отворање е закажано за 24 април во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, и во деновите што следуваат ќе се одржат неколку поетски читања, поетско-музички перформанси, промоции на книги, изложба на парфеми, а ќе се одржи и мастерклас/работилница за креативно пишување поезија.
Како преднастан на фестивалот и оваа година во кафе-книжарницата „Буква“ (на 12 април од 20:00 часот) ќе се одржи настанот за млади поети „Отскочна даска #4“, на кој ќе настапат млади поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години.
Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и Традуки, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје, „ПНВ Публикации“ и хотел „Цара 1928“.
Во прилог е програмата во целост.
Ве очекуваме на дружба!
5. СКОПСКИ ПОЕТСКИ ФЕСТИВАЛ 2025 Г.
Преднастан
12.04 | кафе-книжарница „Буква“
⤿ 20:00 >> „Отскочна даска #4“ – преднастан на 5. СПФ
Учесници: млади поети на возраст од 16 до 25 години.
Официјална програма
24.04 | Младински културен центар ‒ Скопје
⤿ 18:30 | Кино „Фросина“ >> НАД НЕБОТО, ПОД ЗЕМЈАТА: перформанс/ритуал/поезија/музика
Настап на поетот Алеш Штегер и музичарот Јуре Тори (хармоника) од Словенија со кој ќе ја промовираат стихозбирката „Над небото, под земјата“ од Алеш Штеґер, препеана од словенечки на македонски од Драгана Евтимова, издание на „Перун Артис“, Битола.
⤿ 19:30 | Галерија на МКЦ >> МИРИСОТ НА ЗБОРОВИТЕ: Отворање на изложба на парфеми дизајнирани од Нихат Оздал (Турција)
Ако зборовите имаа свој мирис, како ќе мирисаше мракот, осаменоста, далечината… Ако ни беа дадени мириси наместо пенкало и хартија, како ли ќе пишувавме поезија со нив? Оваа изложба го истражува токму тоа прашање.
⤿ 20:00 | Кино „Фросина“ >> ОД РИТАМ ДО АЛГОРИТАМ: официјално отворање на 5. СПФ
Учесници: Аксинија Михајлова (Бугарија), Алеш Штегер (Словенија), Нихат Оздал (Турција), Весна Ацевска, Никола Маџиров, Шаип Емерлаху, Гордана Михаилова Бошнакоска и младиот поет/поетеса што ќе биде избран на „Отскочна даска #4“
⤿ 21:30 | Кино „Фросина“ >> ПОЕТРОНИКА
Поетроника е суптилен и културолошки значаен проект настанат како резултат на интензивната соработка на двајца исклучително квалитетни мултимедијални уметници, Оливер Митковски и Андреја Салпе, што вешто спојува иновативен начин на интерпретација на македонска поезија со извонредна, автентична и авангардна музика.
25.04 | Повеќе локации:
⤿ 11:00 | Филолошки факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје (Сала за седници)
>> МАСТЕРКЛАС СО ЗВОНКО КАРАНОВИЌ (Србија)
Работилница за креативно пишување поезија. Настанот е отворен за сите средношколци, студенти или повозрасни, што сакаат да присуствуваат. Задолжителнa пријава на: contact@spf.mk
⤿ 18:30 | ПОЕТОТ Е ПРИСУТЕН: настан од затворен тип на кој ќе читаат дел од поетите гости на фестивалот пред малубројна публика што ќе се избере по повик.
⤿ 20:00 | Кино „Фросина“ >> ОД РИТАМ ДО АЛГОРИТАМ #2
Учесници: Антонис Скиатас (Грција), Звонко Карановиќ (Србија), Сузана Мицева, Исток Улчар, Ненад Јолдески, Сашо Огненовски, Марина Мијаковска и Филипа Сара Попова.
26.04 | кафе-книжарница „Буква“
⤿ 19:00 >> Промоција на стихозбирката „Раст е ние“ од Исток Ј. Улчар, издание на „Илика“, Скопје.