
Чест и задоволство е што сум овде денеска, за да најавиме едно од најзначајните културни случувања во нашата земја – јубилејното, 65-то издание на фестивалот „Охридско лето“, рече денеска министерот за култура, Зоран Љутков на прес конференцијата по повод 65. издание на „Охридско лето“.
Шеесет и пет години не е само број. Тоа е наследство. Тоа е патека изградена со љубов, со страст, со посветеност. Тоа е доказ дека уметноста, кога е искрена и квалитетна, преживува сè – времиња, предизвици, генерации.
„Охридско лето“ е многу повеќе од фестивал, тоа е симбол на културната зрелост на нашата држава, симбол на отвореностa кон светот, симбол на врвната уметност и културен амбасадор на нашата земја.
И оваа година, фестивалот ќе донесе програма која го задржува врвниот уметнички стандард, но и ќе ја отвора вратата за нови културни перспективи. Како што истакна и директорот, ќе имаме уметници од меѓународен ранг, но и македонски имиња кои блескаат на светските сцени – солисти, оркестри, театарски ансамбли, модерни проекти и традиционални изведби.
Сепак, дозволете ми да потенцирам уште една важна димензија на фестивалот: „Охридско лето“ е и голем двигател на туризмот.
Во текот на фестивалските денови, Охрид станува центар на меѓународно внимание. Илјадници посетители – туристи, љубители на културата, уметници и медиуми доаѓаат во Охрид да го почувствуваат спојот на уметноста, природата и историјата.
Затоа како министер за култура и туризам горд сум што стоиме зад овој фестивал, кој не само што промовира културата, туку и го поттикнува културниот туризам, ја јакне економијата и ја позиционира Македонија на културната и туристичка мапа на Европа и светот. Оваа поддршка ја потврдуваме и конкретно – годинава Министерството издвои 31 милион денари за реализација на фестивалот, како вложување во културата која инспирира и обединува.
На крајот на организацискиот тим на фестивалот, уметничките селектори, локалната самоуправа и сите партнери и поддржувачи им упатувам искрени честитки. Благодарение на вашата посветеност, 65. издание на „Охридско лето“ ќе биде вистинска културна прослава со европски сјај.
Воедно на сите граѓани и посетители им упатувам покана ова лето да бидат дел од магијата на Охрид, да ги славиме музиката, театарот, уметноста потврдувајќи дека кога културата се негува, таа враќа со светлина, инспирација и достоинство.