Skip to main content

Koцевски: Доказите за пожарот упатуваат на кривично дело – тешки дела против општата безбедност, казната е затвор до 20 години

Според јавниот обвинител Љупчо Коцевски, сите докази за дискотеката „Пулс“ упатуваат на кривично дело – тешки дела против општата безбедност, за што е предвидена казна затвор до 20 години.

-Доказите кои секој ден ги собираме укажуваат на тоа дека коренот всушност е една општа ерозија на системот, култура на непочитување на законот и правилата, но и длабока системска корупција. Обвинителството, за жал, не е орган на превенција, туку на репресија. Дали и како може да се спречеше ваков епилог? Би рекол, можеби. Но, сега е на нас да се соочиме со последиците, да ги казниме одговорните за оваа катастрофа и да спречиме да се повтори ваква трагедија, вели Коцевски, во вчерашното интервју за белградска „Политика“.

Како што укажува, заедничко за трагичните настани со кои се соочивме изминатите години е тоа што покрај директната причина за катастрофата, често постои и дополнителен причинител во вид на непочитување на законот и системска корупција, што, потенцира, значително ги зголемува катастрофалните последици.

Во однос на прашањето дали надлежните органи биле известени за овој настан и дали ја извршиле својата професионална должност која овој настан ја наметнувал, одговори дека сето тоа ќе се провери во рамки на истрагата.

– Сè тоа ќе провериме во рамки на истрагата. Сите тие закони и прописи постоеле на хартија, а до сега не сме пронашле скоро ниеден кој бил почитуван. До овој момент, во статус на осомничени се 28 лица, од кои три се во болница, 18 се притворени во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага и тие се исто така во притвор. Доказите се собираат во изјави и во материјален облик, но и во форма на експертизи и стручни мислења од одредени области. Сите овие докази до сега упатуваат на сомневање за основно кривично дело – тешки дела против општа безбедност поради директно загрозување на животот и телото на лица, за што е предвидена казна до 20 години. Истражуваат и давање и примање на мито, незаконитости во набавката на пиротехнички средства, како и неколку други кривични дела, посочува Коцевски.

Поврзани вести