Skip to main content

Општини од Македонија, фирми, поединци од земјава и странство како и Клубовите на македонските иселеници донираа за семејствата на настраданите во трагичната несреќа во Кочани

Во врска со трагичниот пожар во Кочани, на денешната седница, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, донесе одлука за доделување на финансиска помош – донација во вкупен износ од 1.500.000,00 (еден милион и петстотини илјади) денари.

Донацијата се издвојува од финансиските средства на Агенцијата за 2025 година, а ќе се спроведе преку Црвениот крст на Република Македонија, на посебна наменска сметка – Фонд за солидарност.

На предлог на градоначалникот Дарко Костовски, Советот на општина Бутел одржа вонредна седница. Советот ја започна денешната седница со едноминутно молчење, во знак на почит кон загинатите во трагичниот пожар во Кочани. 
Советниците едногласно донесоа одлука за доделување на 1.000.000 денари финансиска помош на семејствата на настраданите во тешката несреќа во Кочани.

“Македонија е завиено во црно и секој од нас чувствува длабока тага и болка за трагично згаснатите 59 млади животи. Моите молитви се со семејствата на починатите и со повредените да заздрават што е можно побрзо. Немам зборови со кои можам да ја опишам оваа голема трагедија, но во овие мигови потребна ни е солидарност, сплотеност и секако одговорност. Кочани 16.03.2025 – Никогаш и никаде да не се повтори! “ –градоначалник Дарко Костовски.

Во овие тешки времиња за целата нација, длабоко жалиме за младите изгубени животи во трагедијата во Кочани и сочувствуваме со нивните семејства и најблиски. Нашите мисли се со повредените, на кои им посакуваме целосно опоравување, соопштија од Македонски Телеком и Дојче Телеком и ја изразуваат својата солидарност со донација од 6 милиони денари на фондот на Црвениот крст на Македонија, наменет за помош и поддршка на семејствата на загинатите и повредените.

Фудбалските клубови на македонските иселеници во Австралија започнаа кампања за собирање донации за настраданите во трагедијата во Кочани. Иницијативата ја започнаа екипите на Престон лионс Македонија од Мелбурд и Рокдејл Илинден од Сиднеј, а потоа се придружија и останатите клубови.

Според објавите, клубовите побараа да се донира директно на линковите за донација на Црвениот крст на Македонија. Со оглед на тоа дека во Австралија живеат стотици илјади Македонци, воопшто нема сомнеж дека оваа иницијатива ќе биде успешна.

Компанијата МТЕЛ донира 3.000.000 денари на сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ. Отворена е донациска линија 143400, преку која граѓаните и клиентите на МТЕЛ можат да придонесат со едноставно повикување на бројот.

– Ова е само дел од нашата заложба да помогнеме во овие тешки моменти, но знаеме дека помошта не треба да запре тука. Заедно можеме повеќе, заедно можеме да дадеме надеж, да им помогнеме на оние што изгубија најмногу – велат од МТЕЛ Македонија и додаваат дека во овие тешки мигови, МТЕЛ е со Кочани.

Од компанијата ги повикуваат граѓаните да донираат на сметката на Црвениот крст отворена за помош за настраданите во Кочани.

– Секој од нашите корисници од денес може да помогне со едноставен повик на 143400 или со директна донација на сметката: Фонд на солидарноста на Црвениот крст на РСМ, Сметка: 300000001327966, Даночен број: 4030984271620, АД Комерцијална банка, со назнака: „Помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани“ – додаваат од Мтел.

Градот Скопје ќе донира шест милиони денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани.

Одлуката беше донесена на денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје. Единствената точка на дневниот ред беше изгласана со 40 гласа „за“, без ниеден глас „против“ или „воздржан“.

Пред да ја изгласаат, претседателот на Советот, Трајко Славески, рече дека предлог-одлуката за донација на шест милиони денари е првична помош што Градот Скопје може да ја даде во моментов. Средствата, како што рече, се обезбедени од буџетот на Град Скопје за 2025 година, од постојаната резерва за непредвидливи расходи.

„Средствата ќе се префрлат на сметката на фондот за солидарност на Црвениот крст на на Република Македонија. За реализација на оваа одлука се задолжува градоначалникот на Град Скопје и одлуката ќе влезе во сила со денот на објавување во Службен гласник на Град Скопје, што ќе биде речиси инстантно по одржување на оваа седница“,рече претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.

Славески повтори дека донацијата е во рамки на моменталните можности на Град Скопје и додаде дека е усвоен и заклучок според кој во најскоро време ќе се обезбедат дополнителни средства за оваа намена.

Македонските иселеници во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс се солидаризираат со семејствата на настраданите во големата несреќа што се случи во Кочани.

Клубовите на иселениците во Сиднеј и другите градови во тој дел на Австралија упатија повик до сите хумани луѓе в сабота во што поголем број да дојдат да го проследат фудбалскиот натпревар што македонскиот клуб „Рокдејл Илинден“ го игра против „Блектаун сити“.

Предвидено е сите средства од продадените влезници, како и донациите што ќе бидат собрани по натпреварот да бидат наменети за помош на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.

Натпреварот во Сиднеј се игра во рамки на седмото коло од првенството на Националата премиер лига на Нов Јужен Велс.

Срцето ми чука за сите семејства и пријатели на починатите во Македонија. Загинаа 59 луѓе и повеќе од 100 се повредени во пожар, повеќето деца на возраст од 14 до 20 години. Лично донирав милион денари во Црвениот крст на Македонија за поддршка на семејствата и настраданите“, напиша Павловски на социјалните мрежи.

Поврзани вести