Skip to main content

Четири лица кои беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во текот на ноќта се префрлени на лекување во Белгија

Четири лица кои беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во текот на ноќта се префрлени на лекување во Белгија.

Според Македонската амбасада во оваа држава, повредените се сместени во четири различни болници во градовите Брисел, Антверпен, Лиеж и Шарлероа.

Тие беа префрлени со специјален авион на Вооружените сили на Романија, со кој истовремено на лекување во Холандија беа пренесени уште четири други лица повредени при пожарот.

„Антонија, Маја, Петар и Драгољуб пристигнаа во Белгија. Благодарност до белгиската Влада, особено нивното МНР, за сета досегашна помош, како и до Романија и Европската Унија, кои го организираа специјалниот лет од Скопје до Брисел. Утре е нов ден, нова надеж за нашите млади сограѓани, им посакувам брзо закрепнување и здравје!“, наведе македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски.

Истовремено, на социјалните межи можат да се видат голем број понуди за бесплатно сместување и превоз за членови на семејствата на повредените.

Амбасадата обезбедила и преведувачи, кои на повредените и нивните роднини ќе им помагаат за превод во комуникацијата со медицинскиот персонал.

Поврзани вести