
Со авион Ц-27 на грчкото воено воздухопловство, доцна вечерва од Скопје во Атина ќе бидат префрлени уште четворица повредени во пожарот во Кочани, јави дописничката на МИА од Атина.
Според информациите на МИА, станува збор за четири лица со изгореници кои ќе бидат хоспитализирани во воена болница во Атина.
Воениот авион од Атина полета околу 22.30 часот по локално време за Скопје, а откако ќе ги преземе повредените веднаш ќе се врати на воениот аеродром во грчката престолнина.
На ист начин синоќа беа пренесени три лица, кои се во Општата воената болница 401 и како што претходно објави МИА се во релативно добра состојба, а станува збор за млади лица на возраст од 22 до 24 години, кои во пожарот се здобиле со изгореници.
Со четворицата повредени кои во Атина ќе пристигнат во текот на ноќта, вкупниот број на хоспитализирани во Грција ќе биде 12, петмина во Солун (тројца во болницата Папаниколау, двајца во воената болница 424) и седуммина во воени болници во Атина.