Skip to main content

Вучиќ понуди помош, Србија во вторник прогласи ден на жалост за трагедијата во Кочани

Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сочувство до  претседателката Гордана Силјановска-Давкова за трагичниот пожар во дискотеката во Кочани.

„На претседателката Гордана Силјановска-Давкова и изразив искрено сочувство по повод страшната трагедија во Македонија, која длабоко ги погоди не само луѓето во таа земја, туку и сите нас во Србија кои сочувствуваме со семејствата на жртвите и со целиот народ на оваа братска земја“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

„Понудив, во име на Србија, а претседателката на Македонија прифати, да испратиме хеликоптери и други медицински транспортни средства, медицински тимови, како и да примиме во болниците во Србија голем број од повредените во трагедијата во Кочани“, додаде тој.

На крајот од објавата на Инстаграм српскиот претседател наведе дека „ Ја информирав претседателката дека Србија ќе го прогласи 18 март за Ден на жалост за трагедијата и изразив уверување дека народот на братска Македонија, со силата и солидарноста што секогаш ја покажувал, ќе успее да ја надмине оваа голема трагедија и да најде начин да закрепне“

Српските медиуми пренесуваат за огромната трагедија ја потресе Македонија. Во страшен пожар што избувна во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, загинаа најмалку 51 лице, а околу 100 се повредени. Пожарот избувнал околу три часот наутро, додека во клубот имало околу 1.500 посетители.

Спасувачките екипи веднаш излегоа на терен, а истрагата е во тек за утврдување на причините за пожарот. Според првичните информации, трагедијата можеби настанала поради технички дефект или неовластена употреба на пиротехнички средства во клубот.

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ разговараа утринава за несреќата, по што беше донесена одлука 18 март да биде прогласен за Ден на жалост во Србија.

Поврзани вести