
Издавачката куќа „Арс Ламина“ денеска, 11 март, денот на раѓањето на писателката Оливера Николова, ја востанови наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади.

Наградата „Оливера Николова“ ќе се доделува секоја година на 11 март, а првиот конкурс се отвора денес и трае до 11 јуни 2025 година. Право на учество на конкурсот имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо. За наградата можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за деца и млади, во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници), што ќе ги достават самите автори по електронска пошта на е-адресата konkurs@arslamina.com, како Word или PDF-документ со назнака: за конкурсот „Оливера Николова“. Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Одлуката за првиот добитник на наградата „Оливера Николова“ ќе биде објавена во септември 2025 година. Наградата ќе биде доделена на посебен свечен настан во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“.
На денешната прес-конференција Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“, истакна дека датумот е намерно одбран бидејќи на денешен ден е родена Оливера Николова.
Со оваа награда сакаме да ја зачуваме и продолжиме големата книжевна традиција што ја остави Оливера Николова (1936-2024). Нејзиниот придонес во македонската литература, а особено во романот за деца и млади, е немерлив. Со своите дела таа внесе автентичност, емоционална длабочина и хуманост, кои и денес инспирираат генерации читатели. Нашата мисија е да го поддржиме овој книжевен жанр, да му дадеме нова сила и да поттикнеме автори кои ќе ја продолжат оваа значајна традиција. Романот за деца и млади има клучна улога во обликувањето на карактерот, во развојот на емпатијата, во отворањето нови светови за најмладите. Во време кога книжевноста за деца е притеснета меѓу сликовниците и литературата за возрасни, нашата цел е да го ревитализираме овој жанр, да му дадеме простор да расцутува и да стане повторно значаен дел од современата македонска книжевна сцена… Во чест на Оливера Николова, во чест на идните генерации читатели, ги покануваме сите автори да учествуваат и да бидат дел од ова книжевно наследство кое продолжува да живее, рече Бугариска.
Сите ние сме излезени од шинелот на Оливера Николова, истакна Оливера Ќорвезироска, уредничка во „Арс Ламина“ и писателка која ги сподели сопствените искуства од пријателството со Николова.
Речиси сите одевме на книжевна причесна кај Оливера Николова. Ѝ ги носевме своите книги. Макар да ги допре. Востановувањето на оваа награда е исто така причесна за македонската книжевност. Преку неа раскажувачката рака на Николова ќе продолжи да чука како срце и да бие како камбана. Се надевам дека со востановувањето на оваа награда за необјавен роман за деца и млади којашто го носи нејзиното име барем малку ќе ѝ се оддолжиме на Оливера Николова за сето тоа што таа го направи за нас и за современата македонска книжевност. Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои создаваше Николова – романот за деца и млади. Нашиот нововостановен конкурс „Оливера Николова“ е за необјавен роман за деца и млади, така што победникот ќе може да си го продолжи патот на рецепцијата, но и на учество во останатите награди во земјава, со што се збогатуваат можностите за што поширока афирмација. Тој не загрозува, ниту се натпреварува со ниту една постојна награда, напротив, придонесува за богатството и квалитетот на македонскиот книжевен живот…, појасни Ќорвезироска, која е и член на жирито.
Жирито го сочинуваат и професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Весна Мојсова-Чепишевска и писателката Јагода Михајловска-Георгиева. И двете посочија дека со голема радост прифатиле да бидат дел од овој проект бидејќи оваа идеја да се воведе награда „Оливера Николова“ ќе направи еден сериозен книжевен простор во кој ќе излезат на мегдан и авторите и нивните нови приказни.
Ќе бидам среќна кога по само неколку години, а особено за десет години, полицата со најнови книги за деца и млади ќе биде не само преполна со книги, туку и полна со добри книги кои ќе го задржуваат вистинското внимание на детето на 21. век преку добрите приказни. Приказни што ќе знаат да го забавуваат и кои ќе ја поттикнуваат неговата љубопитност, неговата фантазија, но и ќе му помагаат да го развива својот интелект и да ги објаснува своите чувства, рече Мојсова-Чепишевска, која посочи дека едноставноста, игривоста и дидактиката ги имаа сите дела на Николова и тоа треба да им биде водилка на сите автори кои пишуваат литература за деца и млади.
Таа секогаш го поучуваше детето, рече Мојсова-Чепишевска.
Јагода Михајловска-Георгиева рече дека ниту една награда која ја добила досега не ѝ предизвикала олкава радост и ентузијазам како оваа.
Со најголемо задоволство и восхит и радост прифатив да бидам дел од жирито, а тие што ме познаваат знаат дека воопшто не сакам да членувам во жири, рече Михајловска-Георгиева.
Таа раскажа дека веќе почнала да разгласува дека ќе има ваква награда и веќе се пријавил интерес како се пишува, како да почнат и што да биде тема…и сподели интимен момент од времето кога почнала да ја пишува нејзината прва книга за деца.
Петре Бакевски од „Детска радост“ ми рече Јагода ми треба роман за една детска едиција романи. Влегов дома, среќна и возбудена и му реков на син ми кој тогаш имаше 10 години дека ќе пишувам роман за деца и тој со една реченица ме исфрустрира, бидејќи ми рече: Ако можеш да пишуваш како Оливера Николова тогаш ок, ако не-ич не почнувај! И се јавив на Оливера и и го кажав разговорот и таа ме утеши велејќи ми-не слушај никого, пишувај така како што ти доаѓа.