
ЈЗУ УИ Клиничка биохемија бележи значителен напредок во организацијата и обемот на обезбедените здравствени услуги во изминатите шест месеци.
Во текот на изминатиот период, бројот на пациенти кои добиваат здравствени услуги во оваа установа дневно е зголемен од 400 на околу 900, што е резултат на подобрената организација, новиот шалтерски систем и зголемувањето на бројот на пунктови за земање материјал.
Дополнително, фактурираните услуги во првите три месеци од назначувањето на новото раководство се зголемени за 316,92%, додека во наредните три месеци бележат уште поголем раст од 393,68%. Овие извештаи редовно се доставуваат до системот „Мој термин“ на квартално ниво.
„Во период од шест месеци постигнавме тројно, односно четирикратно зголемување на обемот на работа и бројот на обезбедени здравствени услуги за пациентите. Тимската работа е клучна во овој успех, и сакам да упатам голема благодарност до сите здравствени работници кои со својата посветеност и професионалност придонесоа за оваа реорганизација и оптимизација. Институцијата со која раководам продолжува да се стреми кон воведување нови методи и унапредување на услугите, за што веќе се преземаат конкретни активности“, изјави д-р Николина Гроздановска, директорка на ЈЗУ Клиничка биохемија.
ЈЗУ Клиничка биохемија останува посветена на подобрување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги, со цел да обезбеди најдобра можна грижа за сите пациенти.