
11 МАРТ (ВТОРНИК) 18:00 ч.
ФИЛМСКИ РЕПОРТАЖИ КИРИЛ ЦЕНЕВСКИ
„ЛЕОПОЛД СЕДАР СЕНГОР“
Документарен филм, Македонија
1975, 20 мин., колор, 35мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Кирил Ценевски
Снимател: Мишо Самоиловски
Филмот е портрет на африканскиот државник и поет Леополд Седар Сенгор, претседател на Република Сенегал (1960-1980) и добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1975 година.
„ФАЗИЛ ХИСНИ ДАГЛАРЏА“
Документарен филм, Македонија
1976, 16 мин., колор, 35мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Фахри Каја
Снимател: Мишо Самоиловски
Филмски портрет на познатиот турски поет Фазил Хисни Дагларџа, добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во Струга, 1974. Тој е еден од најзначајните претставници на националната литература во Турција, со извонредно плоден поетски опус. Човек со нагласена хуманистичка определба.
„ЕУГЕНИО МОНТАЛЕ“
Документарен филм, Македонија
1976, 18 мин., колор, 35мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Кирил Ценевски
Снимател: Мишо Самоиловски
Портрет на познатиот италијански поет Еуџенио Монтале, добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1973 година. Поетот говори за себе, како и за својата поезија. Презентиран е и дел од неговата поезија.
„ЏАФРА“
Документарен филм, Македонија
1978, 20 мин., колор, 35мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Анте Поповски
Снимател: Мишо Самоиловски
Страдањата на палестинскиот народ преку сеќавањата на млади Палестинки, сведоци на трагедијата, масакрот во палестинскиот логор Тал Ел Затр.
„РАФАЕЛ АЛБЕРТИ“
Документарен филм, Македонија
1979, 26 мин., колор, 35мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Анте Поповски
Снимател: Мишо Самоиловски
Приказ на животот и делото на еден од најголемите шпански поети, Рафаел Алберти, кој поголемиот дел од својот живот го минал во прогонство, надвор од родната Шпанија. Во 1979 година е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.
„ЕЖЕН ГИЛВИК“
Документарен филм, Македонија
1979, 18 мин., колор, 35мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Анте Поповски
Снимател: Мишо Самоиловски
Приказ на поетскиот опус на Ежен Гилвик, еден од најголемите современи француски поети, со осврт на неговата биографија, во која спаѓа и наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.
„МОСТОВИ – СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈА“
Документарен филм, Македонија
1982, 43 мин., колор, 35мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Анте Поповски
Снимател: Мишо Самоиловски
Преглед на манифестацијата Струшки вечери на поезијата во 70-тите години на минатиот век и презентација на лауреатите – добитници на „Златниот венец“ на поезијата.
„ХУАСКАРАН – АНДИ ‘82“
Документарен филм, Македонија
1984, 21 мин., колор, 35мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Слободан Стојков, Кирил Ценевски
Снимател: Слободан Стојков
Во 1982 година петнаесетчлена македонска алпинистичка експедиција заминува во Јужна Америка, во областа на Белите Кордиљери на североистокот од Перу, за да го реализира планираното искачување. Филмот го следи целото патешествие на експедицијата – од Скопје, преку Париз, до врвовите на Хуаскаран.
11 МАРТ (ВТОРНИК) 20:00 ч.
„ЈАЗОЛ“
(Knot)
Игран филм, Македонија
1985, 117 мин., колор, 35 мм
Режија: Кирил Ценевски
Сценарио: Славко Јаневски
Улоги: Лазар Ристовски, Ацо Јовановски, Кирил Ристовски, Костадинка Велковска, Петар Арсовски
Дејството на филмот се случува во март 1943 година, кога според планот на геноцидното однесување кон Евреите беа транспортирани и Евреите од Скопје… Хирургот Никола, кому му е одземена дозволата за работа од страна на бугарската окупаторска власт, ги минува долгите монотони вечерни часови во хотелскиот бар. Гости во барот се германските офицери, како и бугарскиот началник Симеонов. Офицерите се забавуваат играјќи руски рулет, кој се разликува од изворната варијанта по тоа што германските офицери стрелаат во главата на затвореникот Симеон, човек од илегалата и познајник на Никола…
Еден од луѓето на Партијата, кој честопати доаѓа во градот за да одржува врски и да пренесува директиви, е Јанко Подгорник. Тој се претставува како деловен човек и отседнува во хотелот. Но, бугарската полиција го открива и тој ранет успева да побегне. Така повреден се поврзува со Симеон, кој бара помош од Никола. Постојано пијан и политички неопределен, Никола се колеба, но сепак му помага на повредениот и му го вади куршумот од ногата на која ѝ се заканува гангрена… Во празниот дом на хирургот Никола го пречекува неговата поранешна девојка Марија. Врската со неа му носи немир, таа бара докази за неговата љубов и притоа пројавува љубомора кон поранешната соработничка на Никола, медицинската сестра Дора, која е Еврејка…
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари