
Прославуваме 80 години ОСТЕН! Вака го најавија организаторите големиот и значаен јубилеј кој се одбележа со учество на 80 уметници од над 40 земји во светот: Италија, Белгија, Србија, Словачка, Индија, Кореја, Куба, Германија, Кипар, Грција, Хрватска, Романија, Шпанија, САД… заедно со македонски уметници.
Кога ќе се спомне ОСТЕН првенствено се мисли на карикатура, но Светската галерија на карикатури е основана 1969 година, а во 1945 година е појавувањето на ОСТЕН како магазин за хумор и сатира, кој излегол на 1 јануари 1945 година и токму тој јубилеј ние сега го славиме, вели Корнелија Конеска, извршен директор на ОСТЕН.
Активностите на Остен Биеналето Скопје 2024 кои со голем успех се одвиваа во текот на целата измината година, имаа своја завршница во Националната галерија на Република Македонија – Чифте амам Скопје со отворањето на официјалната изложба и доделувањето на награди и признанија на уметници и сорботници на ОСТЕН.

Изложбата е и вовед во одбележувањето на 80 години од постоењето на Остен (1945 – 2025)
Овој настан е уште позначаен со оглед на фактот што е првиот во низата настани планирани во оваа јубилејна година кога се одбележуваат 80 години од постоењето на ОСТЕН! Симболично, на изложбата ќе изложуваат 80 наградени уметници и финалисти од над 40 земји, од кои повеќето лично доаѓаат во Скопје од различни страни на светот да ги примат наградите, наведуваат организаторите.
Изложени се дела од визуелните уметности – уметност на хартија, сликарство, објекти, инсталации, фотографии, видео и мултимедијална уметност.
Остен Биеналето Скопје 2024 започна со објавување на меѓународниот отворен повик на кој се пријавија 273 уметници од 51 земја со 863 дела. Селекцијата на уметници ја изврши Корнелија Конеска, жирирањето беше спроведено од страна на Меѓународно жири во состав: Бруно Кора од Италија (претседател), и членовите д-р Пик Кеобандит од Белгија и Маја Колариќ од Србија.

Корнелија Конеска, извршен директор на ОСТЕН вели дека тие е мошне горди на овој јубилеј бидејќи многу добро знаат дека да се поддржува долгорочно еден ваков бренд е голем предизвик.
Ако размислиме кој се бил вклучен како вработен или како надворешен соработник, во покренувањето и развојот на ОСТЕН навистина треба да бидеме горди и среќни што сме дел од тој континуитет. Ќе ги спомнам само Блаже Конески кој е кум на името на ОСТЕН, Лазар Мојсов, Ацо Шопов, Славко јаневски, Владо Малевски, Василие Поповиќ-Цицо, Ане Василевски, преку Дарко Марковиќ…и многу други извонредни македонски интелектуалци.
Подготвија:
новинар, Невена Поповска
фото/ видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски