
По одбивањето на кандидатурана на Калин Георгеску во Букурешт, главниот град на Романија, изби хаос доцна синоќа, кога стотици приврзаници на екстремно десничарскиот популист излегоа на протести по одлуката на изборното тело.
Демонстрантите извикуваа „Последната опција е уште една револуција!“ и фрлаа камења и други предмети кон полицијата.
Георгеску претходно предупреди дека ако Романија падне, ќе падне целиот демократски свет.
Георгеску вчера продолжи да ја критикува Романија и Европа, велејќи дека тие се под диктатура и тиранија, паралелно изразувајќи му поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, што предизвика уште повеќе контроверзи и поделби во земјата.
Изборното тело на Романија ја отфрли кандидатурата на екстремно десничарскиот популист на повторените претседателски избори, кои се закажани за 4 мај.
Георгеску, кој победи во првиот круг од минатогодишната трка, беше принуден да го повтори изборниот процес по одлуката на Уставниот суд кој ги поништи резултатите од изборите поради обвиненија за руско мешање во изборниот процес.
Својата кандидатура, 62-годишниот Георгеску ја поднесе минатиот петок, но Централното изборно биро ја одби. Георгеску, кој во минатото се кандидираше како независен, ја осуди оваа одлука како „официјализиран државен удар“.
Обвинителите против Георгеску покренаа кривична истрага, обвинувајќи го за поттикнување на акции против уставниот поредок и поддршка на фашистички групи.
Исто така, беше обвинет за лажни изјави за изборно финансирање и за неговата имотна состојба.
Првиот круг од повторените избори ќе се одржи на 4 мај, а ако ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, ќе се одржи втор круг на 18 мај.
Крајниот рок за пријавување на претседателски кандидати е 15 март на полноќ.