Skip to main content

Минималната плата ќе се зголеми, најверојатно за 1800 денари

 Минималната плата треба да се зголеми овој месец, но за колку, се уште не е познато. Согласно законот, зголемувањето би требало да биде околу 1.800 денари, а синдикатот бара зголемување за 6.000 денари и придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата. Оттаму пак велат дека пари во Буџетот за оваа намена не се планирани. Се согласуваат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

Одлуката треба да биде донесена на Економско-социјалниот совет каде партиципираат трите социјални партнери, но засега не се знае кога ќе се одржи седницата. Во вторник, според најавите, на владина седница треба да бидат предложени тројцата членови во Комисијата за репрезентативност кои ќе треба да ја утврдат репрезентативноста на синдикатите. 

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите потврди дека во Буџетот нема пари за субвенционирање. За него е прифатливо секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

Коментирајќи го барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата, Мицкоски рече дека жали што синдикатор се претворил во гласноговорник на опозицијата.  

– Жалам што Сојузот на синдикати на Македонија полека, но сигурно, се претвора во партиска бина или гласноговорник на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ и практично тоа што овие го говорат во Парламентот, тие го говорат на прес-конференции. Тие одбрале таков начин да функционираат. Жалам што во минатото изостана овој предлог. Тие мислат дека сега ќе го исцрпат Буџетот и дека ние ќе дадеме 100-200 милиони денари за нив нема за улици, градинки, училишта, канализации…, рече Мицкоски по посетата на општина Илинден.  

Поврзани вести