
Најмалку едно лице е повредено, а 12 куќи се оштетени во напад со украински дронови врз руската Краснодарска област, изјави утринава гувернерот на јужниот руски регион.
Во објава на „Телеграм“, гувернерот Венијамин Кондратиев го нарече нападот „масовен“, но не даде дополнителни детали.
Рускиот новински канал „SHOT“ на „Телеграм“ објави дека Украина се обидела да ја нападне рафинеријата за нафта „Илски“, при што остатоци од дрон предизвикале пожар, пренесува Хина.
Рафинеријата, со капацитет од околу 138.000 барели дневно, е цел на повеќе украински напади од 2023 година, кога Киев ги интензивираше нападите со дронови врз руската енергетска инфраструктура.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските единици за противвоздушна одбрана ноќеска пресретнале и уништиле 90 украински дронови. Според Министерството, 38 дронови биле соборени над Азовското Море, 24 над Краснодарската област, а останатите над неколку други јужни и западни региони, како и над Кримскиот Полуостров. Министерството, исто така, потврди дека неговите одбранбени единици уништиле наведуван проектил над Азовското Море.
Од друга страна, руските сили ги засилија нападите во источна Украина, соопшти синоќа украинската војска, додека висок функционер на НАТО предвиде дека Москва ќе го зголеми темпото и интензитетот на своите напади во пресрет на претстојните мировни преговори.
Главните напади беа концентрирани околу логистичкиот центар Покровск, кој е под голем притисок, соопшти Киев.