Skip to main content

Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци, ја најави првата претстава од неколкуте премиерни годинава

Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци, ја најави првата претстава од неколкуте премиерни годинава. Станува збор за претставата/комедија “Жена ми се вика Борис“ која се работи според оригиналниот текст „Жена ми се вика Морис“ на авторот Рафи Шарт. Во кавадаречкиот театар се поставува за прв пат и тоа во режија на Диме Боцев.

Играат: Видан Станоев, Диме Боцев, Благица Боцева, Александар Малинков, Сашко Орешков, Цветанка Прочков и Анастасија Данаилова. Проверена актерска екипа со мали изненадувања за многу радост и аплаузи на љубителите на театарската уметност. Повеќе информации за останатиот тим во реализација на претставата – наскоро.

„Жена ми се вика Борис“ е современа фарсична комедија, дело на Рафи Шарт, еден од најпознатите современи француски комедиографи, чии текстови доживуваат неверојатен успех на театарските сцени насекаде низ светот. Познат по своите прецизни заплети, тој е еден од легитимните наследници на Жорж Фејдо. Неговата провокативна поетика лесно комуницира со публиката, а неговите карактери се огледало на животот што го живееме. Самата претстава е современа хит-претстава со калабалак од заплети, замена на идентитети и мноштво луди ситуации кои се одвиваат со неверојатна брзина. Комичните ситуации во кои постојано се наоѓаат ликовите ќе предизвикаат наплив на смеа кај целата публика. Инаку, овој современ текст ги ревидира моралните кодекси на однесување, во еден наш, локализиран простор и менталитет. Основните теми во оваа комедија – проблемите на обичниот човек, емоциите, прељубата, лагите, интригите, либидото – се вонвременски.

Се гледаме на Театар!

Поврзани вести