Skip to main content

Концерт на Националниот џез оркестар „Cuban fire“ на 20 февруари во Филхармонија

Националниот џез оркестар ве поканува на уште едно неверојатно музичко доживување кое овој пат се фокусира на АФРО-КУБАНСКАТА МУЗИКА и ги спојува биг-бенд музиката со кубанските ритми и мелодии! Низ оваа автентична “латино свита” ќе нѐ води нашиот долгогодишен пријател и соработник, диригентот ЗИГИ ФАЈГЛ (AU) кој со години го држи пиедесталот на најдобар биг-бенд диригент во Европа и пошироко.

Cuban Fire * е насловот на концертот кој е закажан за 20 февруари во Филхармонија, со почеток од 20 часот, именуван по истоимениот албум на исклучителниот американски џез-бенд лидер, пијанист, композитор и аранжер, Стен Кентон. Репертоарот вбројува дел од најзначајните композиции на Кентон, вклучувајќи го и албумот Cuban Fire, вистинско биг-бенд ремек-дело кое критиката го опишува како „возбудлива и кинематографска фузија на кубанската и биг-бенд музиката.“

На концертот, оркестарот ќе настапи со појачана дувачка и ритам секција, сето тоа за поголема автентичност при доловувањето на афро-кубанските ритми и мелодии кои доминираат во избраниот репертор.

Стен Кентон е влијателен американски џез-бенд, пијанист, композитор и аранжер чијашто музика се карактеризира со сложени аранжмани и необична инструментација. Тој водел иновативен џез оркестар речиси четири децении, од 1940-тите до 1970-тите. Познат е по неговиот прогресивен џез стил, кој комбинира елементи на класичната музика со биг-бенд џез.
Диригентот Зиги Фајгл е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, ХГМ биг бендот, биг бендот Суд, преку својата работа покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави.

Работата на Фајгл во музиката за биг бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез стандарди до посовремени и експериментални композиции. Има соработувано со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.

Поврзани вести