Skip to main content

Влезниците за Венеција ќе се вратат напролет, се зголемува цената за eднодневна посета

Плаќањето влезници за Венеција за дневните посетители се враќа во април, но овој пат тие ќе треба да издвојат двојно повеќе пари – таксата се зголемува од 5 на 10 евра, јавува Си-ен-ен. Покрај зголемувањето на таксата, таа ќе се применува и за речиси двојно повеќе датуми од лани.

Венеција е првата во светот што воведе влезница за дневните посетители во 2024 година и сега ја удвои шемата за претстојната сезона со 54 датуми за наплата за разлика од 29 минатата година.

Датумите почнуваат континуирано од 18 април до 4 мај, а потоа продолжуваат секој петок, сабота и недела од мај до крајот на јули. Како и досега, таксата ќе се наплатува од посетителите што немаат резервација за ноќевање во градот од 8.30 до 16 часот.

Надоместокот од 10 евра ќе биде преполовен за оние што ќе резервираат влез четири или повеќе дена однапред. „Пилот-проектот (од 2024 година) беше успешен“, рече Симоне Вентурини, градски советник за туризам, на саемот за туризам БИТ во Милано.

Целта останува иста: да се создаде нов систем за управување со туристичките текови и да се обесхрабри екскурзискиот туризам во неколку периоди во согласност со сензитивната и единствена природа на градот, да се гарантира почитувањето што го заслужува.

Тој рече дека други дестинации од остатокот од светот биле во контакт со венециските власти за да се распрашаат за шемата. Податоците од минатогодишниот регистар на посетители покажуваат дека во Венеција дошле туристи од 194 земји од светот. По Италијанците, Американците беа следната најголема група, а потоа Германците и Французите.

Поврзани вести