Skip to main content

Дебата во Францускиот институт во Скопје на тема „Вештачката интелигенција и културата: револуција или еволуција?“ со учество на професор од Сорбона и домашни експерти

Францускиот институт во Скопје и Факултетот за информатика и компјутерски технологии (ФИНКИ) организираат дебата „Вештачката интелигенција и културата: револуција или еволуција?“, која ќе се одржи в четврток, 13 февруари 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Europe House Скопје, во рамките на 10. издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“.

Ќе учестуваат Жан-Габриел Ганасија, професор по информатика на Универзитетот во Сорбона и автор на десетина книги, вклучувајќи ја и последната, „Вештачката интелигенција објаснета на луѓето“ (2024), проф. д-р Андреа Кулаков, професор на Факултетот за информатика и компјутерски технологии, и Илија Тирицовски, продуцент, кој ќе го претстави проектот „РеKреирање на иконите“.

Модератор на дебатата е г-дин Филип Аврамчев, организатор на Меѓународниот самит за вештачка интелигенција, којашто се одржа во Скопје, во октомври 2024 година.

Настанот ќе го отвори Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција.

Дискусијата ќе се фокусира на тоа дали вештачката интелигенција може да создаде оригинална уметност или само ги репродуцира постоечките модели, дали може да ги замени уметниците и писателите или, пак, да служи како алатка која ја поттикнува иновацијата, потоа како да се дефинира улогата на авторските права при дела создадени со помош на ВИ, како и на начинот на кој оваа технологија може да ја демократизира глобалната пристапност до културата и уметничките дела.