Skip to main content

Лихтенштајн ја доби првата премиерка

По изборите во Лихтенштајн во неделата, жена првпат ќе ја преземе власта во ова кнежевство меѓу Австрија и Швајцарија.

Шеесетгодишната Брижит Хас, адвокатка и директорка на трговско-индустриската комора, според официјалните резултати, победи на парламентарните избори со нејзиниот Патриотски сојуз (VU).

Откако функцијата премиер беше воведена во кнежевството во 1921 година, ја извршуваа само мажи. Хас ќе положи заклетва на 20-ти март.

Лихтенштајн е најмалата земја во германското говорно подрачје, со површина од 160 квадратни километри. Има околу 40.000 жители, од кои околу една третина се странци, главно Швајцарци, Австријци и Германци.

Посветениот католик и исклучително богат 79-годишен кнез Ханс-Адам Втори е шеф на државата. Има моќ да ја разрешува владата, да стави вето на законите и да владее со декрет. „Кнезот одлучува“, се наведува на владината веб-страница, но народот има збор.

Ханс-Адам, вдовец од 2021 година кога почина неговата сопруга Мари, ги делегираше повеќето од своите овластувања и должности на својот син и наследник, 56-годишниот принц Алоис во 2004 година. Престолонаследникот е оженет со Софи, војвотката од Баварија и има четири деца.

Партијата VU е во коалиција со Прогресивната граѓанска партија (FBP) повеќе од 85 години, со само неколку кратки прекини. Двете партии се конзервативни и се изменуваат во водењето на коалицијата.

Поврзани вести