Skip to main content

Парламентарни избори во Косово: Се гласа во дијаспората

Гласањето на парламентарните избори на Косово закажани за в недела, на 9 февруари, се одвива денеска од 7 часот во претставништвата на Косово во Европа.

Гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва во САД и Канада ќе почна подоцна, во 13 часот по средноевропско време.

Централната изборна комисија (ЦИК) на прес-конференција соопшти дека дијаспората гласа на 43 избирачки места во 16 амбасади и 14 конзулати на Косово, лоцирани во 19 различни земји.

За гласање во овие 30 дипломатски претставништва се пријавени вкупно 20.324 гласачи.

Право на глас на изборите за Собранието на Косово имаат 2.075.868 граѓани, кои можат да гласаат во 941 избирачки центар и 2.533 гласачки места, соопшти ЦИК.

Во самото Косово право на глас имаат 1.970.944 граѓани, а во дијаспората 104.924 лица.

ЦИК во придружба на припадници на косовската полиција денеска почна со дистрибуција на изборните материјали до изборните комисии, кои доцна вечер или во раните утрински часови ќе ги достават до избирачките центри и гласачките места.

Испечатени се 1.752.650 гласачки ливчиња, од кои 1.664.100 се наменети за гласање на редовни избирачки места, 21.450 за гласање во дипломатски претставништва, 28.450 за условно гласање, а 38.650 за гласање на лица со посебни потреби за резервни ливчиња.

На деветите парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста учествуваат 28 политички субјекти, од кои 19 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. Има и шест политички субјекти од српската заедница.

Според предизборните анкети и очекувањата на политички аналитичари, главната изборна битка ќе се води меѓу Движењето Самоопределување на Албин Курти, Демократската лига на Косово на Лумир Абдиџику, Демократската партија на Косово на Мемли Красниќи и Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај.

Собранието на Косово има 120 пратенички места, од ​​кои 20 се загарантирани за припадниците на малцинските заедници. Српската заедница има 10 пратенички места, бошњачката заедница има три, турската заедница има две, ромската (заедницата РАЕ) има четири, а Горанската заедница има едно пратеничко место. Изборниот праг е 5%.

Поврзани вести