Skip to main content

Премиера на „Мајка“ вечерва во Велешки театар, актерката Зорица Панчиќ одбележува 30 години работа во театарот

Претставата „Мајка“ од Флоријан Зелер, во режија на Јордан Витанов, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот во Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес. Со оваа претстава актерката Зорица Панчиќ ќе одбележи 30 години работа во велешкиот театар. „Мајка” е работана по текст од Флоријан Зелер, во режија на Јордан Витанов. Освен Панчиќ настапуваат Васил Зафирчев, Кире Ацевски и Сандра Танчева. Таа повторно ќе се игра на мала сцена на 11 и 21 февруари.

„Нам ни останува само споменот на оние утра кога станувавме толку рано за да им направиме појадок, лепчиња со путер и млеко. А, потоа одевме на училиште. Чекоревме по улиците еден до друг, ја носевме малата ученичка чанта за да не се изморат тие премногу. Малите принцови. А, пред училиштето тие нѐ гушкаа со толку доверба. Со толку нежност. Потоа исчезнуваа во училишниот двор со другите синови кои исто така еден ден ќе ги заборават своите мајки за да си го живеат својот живот“, кажа Панчиќ за улогата.

Сценографијата е на Јордан Витанов, костимите на Раде Василев, а изборот на музиката на Сашко Костов.

Претставата е работена по текст на Флоријан Зелер, современ француски романсиер, драматург, режисер и сценарист, автор на трилогијата „Мајка-Татко-Син“. Велешкиот театар во 2022 го постави неговиот текст „Татко“.

Поврзани вести