Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на одлуката на Уставниот суд за поништување на солидарниот данок донесен од претходната Влада и обврската на државата сега да ги врати парите на компаниите, изјави: Нема ден откако сме избрани како Влада, а да не се соочиме со некое непријатно изненадување. Нема ден. Ако тоа на почетокот беа отприлика просечно од 8 до 10 дневно, сега таа бројка е намалена на 1 до 2 непријатни изненадувања коишто мораме да ги решаваме. Предупредувавме и тогаш, но она што мене ме вознемирува повеќе, не од овие коишто претходно беа Влада, од нив јас не очекував ништо повеќе, туку што имаа поддршка од некои меѓународни финансиски институции тоа да го прават. Тоа повеќе ме вознемирува.
Сега кој ќе го врати ова? Еве да ги прашам, бидејќи тогаш бевме опозиција и на состаноците со претставниците на тие меѓународни финансиски институции, лично ги гледав во очи и им кажував дека ова еден ден некој ќе го враќа ова дивеење. Еве дојде денот кога вие треба да го враќате. Тие ќе си се спакуваат, ќе си отидат таму од кај што дошле, вие ќе треба да го враќате. И сега наместо нови 50 милиони за нешто друго, не битно, ние ќе треба хирови да враќаме на накој којшто правел грешка.
Сѐ што кажавте е така. Имаат право да си бараат луѓето затезна камата, имаат право на сѐ, не е ова нешто коешто е чудно или нешто коешто не е вистинито.
Судската одлука на Уставниот суд е конечна, јас нема да ја коментирам, таа мора да се почитува, одлуката на Уставниот суд е конечна. Сега би ја прашал опозицијата, кои се тие уставни судии коишто Мицкоски ги навигираше? Нели, така велеа, дел од опозициските партии, дека по налог на Мицкоски работеле уставните судии. Сега пак по налог на Мицкоски работат? Еве нека излезат сега пред граѓаните и пред јавноста и нека кажат кој ќе ги врати овие 50 милиони. Од Соравија ли ќе ги вратиме? Од Ролс Ројсот ли ќе ги вратиме? Од инстант фирмите за јаглен ли ќе ги вратиме? Еве нека излезат сега и нека им кажат на граѓаните.
Но она коешто, вчера со министерката за финансии го разговарав е дека ќе направиме мапирање на тие компании. Ќе пристапиме поединечно на сите нив, една по една и ќе најдеме решение. Како и за сѐ друго што наоѓаме решение, така и за ова ќе најдеме решение. Јас сум сигурен дека на крајот од денот и за ова ќе најдеме решение и заедно ќе го премостиме и овој проблем, како и стотици други коишто ги поминавме изминатите месеци – истакна Мицкоски.
Исто така премиерот Мицкоски рече дека се разгледува и можноста за да се побара одговорност од тие што го имаат воведено овој данокот.